Во Полициската станица Струга, вчера, 14-годишно девојче од Скопје од Домот за деца со социјални проблеми, кое престојувало во одморалиштето „25-ти Мај“, пријавило дека истиот ден околу 16.00 часот непознато лице извршило други полови дејствија над неа. Според пријавата, девојчето било на плажа и потоа заминало кон излезот од Струга.Таму била пресретната од непознато лице со непознато возило, кое се понудило да ја превезе. По кратко време лицето застанало во близина на село Калишта и го сторил делото, по што ја вратил во одморалиштето. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Од МВР информираат и дека вчера, околу 17.15 часот во златара на улица ,Маршал Тито“ во Струга, непознато лице извршило разбојништво над вработениот. Сторителот од вработениот побарал прстен кој претходно го нарачал. Откако вработениот, по извршен разговор со сопственикот, му рекол дека треба прво да го донесе неговиот прстен, непознатото лице ставило една кеса на масата и му се заканило дека во кесата има бомба. После тоа сторителот одзел еден златен прстен со вредност од околу 11.000 денари и побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот.