Хуманитарната помош што деновиве несебично ја даруваа граѓани и компании од Охрид пристигна во местата погодени од големите поплави што ја зафатија Србија.

Помошта беше однесена со автобус на транспортното претпријатие АД „Галеб“ Охрид.

„Облеката за деца и возрасни е на пат за Крупањ, водата за пиење е дистрибуирана во Смедеревска Паланка, а храната за деца, средствата за хигиена и другата неопходна помош е доставена во прифатниот центар во Белград.“ – изјави за OhridNews директорот за сообраќај на АД „Галеб“ Охрид, Димитар Василевски.

Василевски ја истакнува големата благодарност на граѓаните на Србија до сите хумани луѓе во Македонија.

Во меѓувреме, на повеќе пунктови, во Охрид продолжува хуманитарната акција за помош на настраданите во Србија и Босна и Херцеговина, а според информациите од теренот најпотребни во овој момент се средствата за хигиена, вода, лекови и храна.

Исто така, отворени се и телефонски линии за донации 143 400 на мобилните оператори Т- Home, One и Vip. Во Охрид, главните собирни пунктови се во седиштето на Црвен крст Охрид на улицата „Димитар Влахов“, и кај новата автобуска станица на улица „15- ти корпус“, 10 до 18 часот.  Освен на овие две локации, собирни пунктови има и во маркетите на Тинекс, Дон, Стоп Шоп, Тамаро и Кам.

Хуманите граѓани може да донираат и парични средства преку уплата на жиро сметка на Фондот за солидарност на Црвени крст  300000001327966, ДБ 4030984271620, Комерцијална банка.

OhridNews