Невремето кое го зафати Охрид попладнево предизвика поплави низ градот. Освен што се поплавени поголем број дворови и подрумски простории, водата навлезе и во домовите.

Граѓани во паника се обраќаат во редакцијата на OhridNews и информираат дека се обратиле за помош кај надлежни служби, но и покрај ветувањето се уште никој не дошол да им помогне.

  • Пред еден час се јавивме и во Нискоградба и Пожарна, Центарот за кризи. Водата се повеќе навлегува во куќата, никој не доаѓа да ни помогне. Од Нискоградба кажаа дека ќе дојдат еве ги нема, од центарот кажаа дека на ниво на градот за интервенција има само една екипа и таа е активирана. Сето ова се случува поради грешка на надлежните, бидејќи со текот на годините со секоја санација на улицата само се креваше нивото на коловозот, за сметка на влезот и приклучокот на канализација кој сега се прелива. Токму минатава недела неколку пати бевме во општина и баравме овој проблем да се реши, но никој не дојде ниту увид да изврши, велат жители од Карпош Војвода.

  • Никој не реагира навреме, сите вредни работи се поплавени и ќе се уништат, од општина дури потоа ќе дојдат и на сето тоа ќе чекаме месеци, можеби и години средства за да не обесштетат, како што стално се случува. Никој ништо не презема за да не се случат вакви немили настани, а после граѓаните ниту криви ниту должни се принудени да чекаат за колку толку да можат да обноват нешто од загубеното, и тоа не по нивна вина, велат граѓани.

Од Центарот за криза информираат  дека поплавени објекти има на повеќе улици меѓу кои: Карпош Војвода, Александар Турунџиев, Стив Наумов.

OhridNews