Туризмот е гранка која ќе биде најмногу погодена од кризата предизвикана од корона вирусот и затоа, покрај веќе постојните, Владата ќе утврди нови мерки со цел ублажување на последиците во овој сектор. Ова на прашање на OhridNews попладнево на прес конференција го истакна премиерот на Техничката влада Оливер Спасовски.

Ние веќе подготвивме два сета економски мерки, од кои првиот директно беше наменет за туристичкиот сектор, за да може уште во самиот почеток да има финансиски средства за ликвидност. Исто така на располагање на овој сектор беа ставени и економските мерки од вториот сет. Во моментов се прават дополнителни анализи посебно за секоја од гранките. Секако дека најверојатно ќе имаме потреба од носење на нов сет на мерки, меѓутоа тие треба да се носат посебно за туризмот, за да ги намалиме негативните ефекти во оваа гранка. Во постојан контакти сме и треба да биде јасно дека Владата ќе направи се што треба да направи за да им помогне на компаниите и работниците. – изјави премиерот Спасовски.

Запрашан кога ќе биде донесена одлука во врска со средношколската матура, дали и кога ќе се полага овој државен испит, премиерот Спасовски истакна дека во тек се анализи на мерките кои ќе се донесат во образовниот сектор, а кои ќе бидат соопштени по првомајските празници.

Во многу напредна фаза сме во однос на решение за државната матура и очекувам многу скоро тој предлог да биде изнесен пред Владата и да го донесеме најдоброто решение за средношколците. – рече Спасовски.

На онлајн прес конференцијата учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче. Одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните 8 позитивни случаи на коронавирус во Охрид, Филипче истакна дека простор за паника нема. Тој посочи дека при тестирањето мора да се почитува воспотавениот алгоритам, индиректно укажувајќи дека можеби тоа не било сторено во некои од дијагностицираните случаи во Охрид. Пристапот за сите пациенти е ист насекаде и се тестираат само пациенти кои имаат симптоми. Тоа е единствен правилен пристап, одосно нивно тестирање само врз основа на утврдениот алгоритам, рече Филипче.

Кога се прати овој алгоритам и не се прескокнува епидемиолошката служба целокупниот процес е под контрола, затоа што кога некој дополнително ја извести епидемиолошката служба, тогаш постои ризик од моментот на земање на тестот па се до моментот на пристигнување на резултатот да не бил во изолација, и во таа насока е денешната одлука на Владата сите лица кои што на тој начин се тестираат да бидат во задолжителна изолација. Сметам дека место за паника конкретно во Охрид нема. Во овој град нема оздравени од лицата коишто се на домашно лекување во денешната статистика. Но, сметам дека работата на некој начин е локализирана со овие мерки на рестрикција и мерките коишто дополнително ги преземаме, и очекувам дека ќе остане така. Нема новозаболени случаи од Одделението за трансфузиологија, целосно се исконтролира тој случај, така што простор за паника нема. – додаде Филипче.

Министерот за здравство информираше дека до сега во земјта се направени 13.000 тестови за Ковид 19.

Г.М.