Со прекрасна музичка вечер исполнета со емоција, раскошен звук и врвна интерпретација, синоќа во црквата „Света Софија“ беше одбележана традиционалната Вечер на Европската унија во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Под насловот „Последната роза на летото“, публиката имаше можност да ужива во извонредниот концерт на ирскиот виолинист Дејвид Тобин, пијанистот Фингин Колинс од Ирска и унгарско-ирската флејтистка Јохана Кезеи.

Прекрасниот амбиент на „Света Софија“ дополнително ја збогати музичката приказна, во која се испреплетоа раскошните тонови на виолината, пијаното и флејтата. Изведбите на делата од Елгар, Рајнеке, Џон Филд, Чајковски и Вилијам Винсент Волас донесоа различни музички светови, обединети во една впечатлива и емотивна целина.

Посебно место во програмата имаше делото „Фантазија и варијации на тема ‘Последна роза на летото’“ од Волас, кое со својата нежност и виртуозност беше своевидна музичка круна на вечерта.

Публиката со бурни аплаузи ги награди извонредните уметници, кои приредија уште една незаборавна фестивалска вечер под сводовите на „Света Софија“.

Вечерта на Европската унија деветнаесетта година по ред се одржува на фестивалот „Охридско лето“, со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, потврдувајќи ја силната поврзаност меѓу европската култура и уметноста што „Охридско лето“ традиционално ја негува.

Особено сме горди што ЕУ вечерта веќе деветнаесет години е дел од традицијата на „Охридско лето“. Преку ова партнерство, Европската Унија континуирано ја поддржува културната размена, ја промовира европската уметност и ги зајакнува врските меѓу Европската Унија и Северна Македонија, рече заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау.

Пред фестивалската публика тој истакна дека културата отсекогаш била мост што ги поврзува луѓето, ги надминува границите и нè потсетува на вредностите што нè обединуваат.

OhridNews