Поставен камен-темелник на 400 кV далекувод од ТС „Битола 2” на граничниот премин Ќафасан, на македонско-албанската граница. Со овој проект за првпат државата станува целосно поврзана со сите соседни електроенергетски системи, што значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и повеќе можности за развој, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Не зборуваме само за еден инфраструктурен проект, туку за нешто многу поголемо – за поврзување, за стабилност и за иднината на државата во европското енергетско семејство. Интерконективниот далекувод Битола–Елбасан не е обичен далекувод. Тој е симбол на една затворена празнина која со години стоеше како пречка на нашиот пат. Коридорот 8, кој треба да биде артерија на економијата, долго време имаше прекин во својата енергетска мрежа. Денес, со овој проект, таа празнина конечно се затвора, рече Мицкоски.
Посочи дека проект бил еден од најкомплексните со коишто се соочиле како влада, за кој кредитот бил обезбеден уште во 2015 година, договорот потпишан во 2020 година, а реализацијата речиси непостоечка.
Наместо градежни активности, годините беа потрошени во преговарања, одложувања и обиди за промени на цените. Беше набавена само дел од опремата, без суштински напредок на терен. И тука доаѓа суштинската разлика. Ние не дозволивме овој проект да остане уште една пропуштена можност. Донесовме храбра, но неопходна одлука – да се раскине договорот кој не даваше резултати. Одлука донесена по длабока анализа, со форензичка поддршка, со меѓународни консултанти и во координација со ЕБОР. Ја заштитивме државата. Ја зачувавме инвестицијата. Повеќе од половина од веќе набавената опрема останува во сопственост и ќе се искористи. Не дозволивме ниту еден ден повеќе да се губи, ниту едно евро, денар да се потроши на страна. Потоа следеше најтешкиот дел – рестарт на проект кој со години стоел во место. Се соочивме со правни, технички и организациски предизвици. Со имотно-правни прашања. Со потребата од усогласување со меѓународни стандарди и ФИДИК правила. Со обврска да го вратиме проектот во живот без да ги изгубиме веќе вложените ресурси. И успеавме, истакна Мицкоски.


Затекнавме целосно закочен проект. За четири години, проектот не бил реализиран ниту четири проценти. Следствено, ги идентификувавме слабите точки, ги елиминиравме административните бариери и за кратко време го претворивме овој проект од проект на хартија во проект на терен. Оваа инвестиција, што долго време беше блокирана, конечно се рестартира и влегува во својата најважна фаза, а тоа е фазата на изградба. Со реализација на овој проект, Северна Македонија и Албанија добиваат нова, силна и стратешка електроенергетска врска, која ќе ја зајакне сигурноста на снабдувањето, ќе ја зголеми стабилноста на преносниот систем и ќе отвори нов простор за подлабока интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар. Со оваа интерконекција ја затвораме последната енергетска алка на Паневропскиот коридор 8.
Овој проект, додаде, не е изолиран потег, туку дел од пошироката стратегија на МЕПСО за развој и модернизација на националната преносна мрежа.
Во таа рамка, веќе работиме на други клучни правци: зајакнување на врската со Грција, нова интерконекција кон Косово, развој на 400-киловолтната мрежа во Западна Македонија, како и нов правец кон Бугарија. Нашата цел е јасна компактен, стабилен, регионално поврзан и европски усогласен електроенергетски систем. Енергијата е како река која не познава граници. Оваа интерконекција не е само кабел, столб или далековод – оваа инфраструктура е мост на доверба. Ова е пример како две земји можат да градат нешто што е добро и за нив, но и за целиот регион. Соработката меѓу Северна Македонија и Албанија, во енергетиката е природна, неопходна и далековидна. Нашите системи можат да се надополнуваат, нашите ресурси можат да создаваат синергија. Во време кога целиот регион се движи кон поголемо учество на обновливите извори, ваквите врски стануваат неопходност. Само преку интерконекции и паметно комбинирање на различни извори можеме да обезбедиме одржлив, сигурен и економски оправдан зелен развој. Затоа, овој проект има и јасна економска димензија. Инвестиција од ваков обем значи ангажман на компании, работна сила, инженерство, логистика и услуги. Тоа значи директен импулс за нашата локална економија, потенцираше Љатифи.

OhridNews
















