Денес свечено беше поставен камен темелникот на новиот, современ, затворен зелен пазар во Охрид.
Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, со оваа капитална инвестиција, Охрид ќе добие нова административно деловна зграда, што ќе го подобри лицето на градот и најсовремен зелен пазар кој што ќе ги исполнува сите стандарди за трговија со земјоделски и прехранбени производи од животинско потекло.
– Не секогаш сме во можност, проектите да ги испорачаме во почетниот зададен рок, бидејќи некогаш за тоа влијаат и законските промени во текот на постапката, институционални препреки и други непредвидени пречки, но како одговорна власт секогаш и до последна капка пот се вложуваме во испорачувањето на дадениот збор. Затоа, реализацијата на секој проект поединечно ми е особено драг, бидејќи знам дека мојот вложен труд и трудот на моите соработници вродува со плод, рече Бакрачески.
Директорот на ЈП Градски пазар, Тони Коталески, потенцира дека Охрид претставува туристички центар и заслужува еден ваков објект.
– Со овој проект ќе се добијат 1230 метри квадратни покриен зелен пазар опремен со 190 нови тезги изработени согласно ХАСАП стандардите, подземни паркинг места и деловни простории со површина од 200 метри квадратни. Ќе се конструира и халата за текстил со изградба на уште еден спрат со површина од 256 метри квадратни, а ќе се изврши и реконструкција на фасадата и кровот на постоечката зграда, рече Коталески.
Вкупната вредност на инвестицијата ќе изнесува 239.610.028 денари, односно 3.896.098 евра.
Објектот се гради со јавно приватно партнерство, во кое инвеститори се општина Охрид како јавен партнер и ТД Илинден Струга, приватен партнер, кое е и изведувач на градежните работи.
Т.К.
















