Грујевски и Бошкоски имале силна логистика за да избегаат од земјата. Според информации на „Макфакс“, повеќе од десет луѓе им помагале на двајцата бегалци.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека полицијата има информации дали јатаците се вработени во МВР и УБК, но не може да ги сподели со јавноста.
– Имаме многу информации, соработуваме заедно со Обвинителството, но не можеме да ги споделиме со јавноста во оваа фаза – рече Спасовски.

Спасовски не прецизира дали очекува дека двајцата ексразузунавачи, кои ги гони СЈО за нелегалното прислушување и уништување на опремата, ќе се обидат да се пазарат со грчките тајни служби. Според него, сите податоци поврзани со нелегалното следење на комуникациите веќе биле обелоденети и познати за домашната и меѓународната јавност.

– Наша приоритетна цел беше да обезбедиме правда за овој случај и без разлика каде и да беа и во која држава и да се наоѓаа, ние можевме да пристапиме кон нивно обезбедување за правдата да биде задоволена. Од тој аспект целта ја постигнавме – Бошкоси и Грујевски се во притвор, ја чекаме екстрадицијата за да може овде пред македонските судови во транспарентна постапка да се докаже вината, односно тие да докажуваат дека не се виновни. Во однос на споделувањето информации што тие ги имаат, веќе нема информација што не е споделена, се знаат сите детали за нивното работење од објавените материјали во проектот „Вистината за Македонија – додаде министерот Спасовски.

За екстрадицијата е надлежно Министерството за правда, кое соработува со грчките органи. На Грујевски и Бошкоски им се суди во Солун за поседување лажни пасоши. Но, судењето двапати се одложува бидејќи не може да се обезбеди преведувач. Двајцата беа уапсени минатата недела од Интерпол на аеродромот во Солун при обид за бегство.

OhridNews
Макфакс