Повредени демонстранти и полицајци, новинари, фоторепортери и приведени демонстранти е билансот од вчерашниот протест пред Влада, откако опозицијата објави аудио разговори меѓу владини функционери за убиството на Мартин Нешкоски. Пред зградата на Владата во средата утрото е мирно, улиците се расчистени и нема полиција. Во текот на денов се очекува полицијата официјално да излезе со информации колку точно повредени и приведени има на протестите кои завршија насилно некаде околу полноќ.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски, изминатата ноќ информираше дека во Ургентниот центар биле примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градската општа болница „8-ми Септември“ еден полицаец и еден цивил. Котевски информираше и дека има и приведени демонстранти.

„Полицијата беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата“, изјави Котевски.

Демонстрантите неколку часа скандираа и бараа оставка од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, фрлаа со камења и шипки кон полицијата, која потоа ги истисна демонстрантите. По зградата на Владата се фрлаше со јајца, домати и компири. Меѓу демонстрантите беа мајката и братот на убиеното момче, кој го организираше протестот преку социјалните мрежи. Толпата најпрво беше истисната кон булеварот „Климент Охридски“ и дел на булеварот „Илинден“ кон Градскиот парк. Повеќе од еден час толпата што беше растерана кон Соборниот храм даваше отпор, за околу 23.15 часот целосно да биде разбиена на булеварот „Партизански одреди“.

Пред протестот Јанкулоска излезе на прес-конференција во Владата и го обвини Заев дека злоупотребува смрт на младо момче за политички поени.
Рече дека материјалите кои беа објавени се монтирани и креирани и дека полицијата направила се за да го расчисти убиството. Нешкоски беше убиен на 5-ти јуни 2011 година вечерта, додека се славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот во Скопје.

Припадникот на специјалната полициска единица „Тигар“, Игор Спасов, е осуден на 14 години затвор, но никој не презеде командна одговорност.

На снимките коишто ги објави опозицијата се слуша како владините функционери разговараат околу случајот, меѓусебно се информираат, се обидуваат да конструираат одговори за јавноста. Според снимките коишто ги објави опозицијата, Дејан Митревски – Урко, кој беше лично обезбедување на премиерот Никола Груевски, го криел убиството и од министерката и другите владини функционери.

OhridNews

извор Макфакс