Во утринските часови избувна пожар на депонијата „Буково“, на дел од депонијата кој подолг временски период не се користи, односно на кој во подолг период не е депониран отпад. Како што информираат од ЈП „Охридски Комуналец“ нивните екипи се на терен заедно со екипите на Противпожарната единица – Охрид и активно работат на локализирање на пожарот.

Се врши пресек и создавање заштитна линија со цел да се спречи неговото понатамошно ширење. Во моментов состојбата се следи континуирано, а екипите остануваат на терен сè до целосно ставање на пожарот под контрола. Во однос на причините за избувнувањето на пожарот, засега не се исклучува можноста истиот да е намерно подметнат. Причината за пожарот ќе биде утврдена од страна на надлежните институции по спроведување на соодветна постапка, посочуваат од претпријатието.

Во тековната 2026 година, велат, на депонијата „Буково“ досега се однесени и депонирани над 8.000 м³ земја, со цел прекривање и стабилизирање на делови од истата, како и намалување на можноста за појава и ширење на пожари.

ЈП „Охридски Комуналец“ останува целосно ангажирано и во координација со надлежните служби за спречување на ширење на пожарот и заштита на околината, потенцираат.

OhridNews