На свеченост што денеска се одржа во Центарот за култура на поетот Михаел Ренџов му беше доделена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2009 година. Наградата на конкурсот што заеднички го распишуваат Центарот за култура и издавачката куќа „Просветно дело“, Ренџов ја доби за поемата „Предвесница“.


– Кога прв пат како гимназијалец дојдов во контакт со „Сердарот“ на Прличев боледував од биење на срцето, како што вели славниот поет. Боледував од срцето кога и самиот почнав да пишувам стихови, кога ми се објавија првите песни, првата книга и мислев дека ќе престане биењето на срцето, меѓутоа таа проклетија, таа болест поетска на Прличев не ме напушти до денеска, заради тоа што не може да не боледуваш од таа болест кога моето име како и на тие што ја добиле наградата е поврзана со една величенствена и една од најпозитивните личности во македонската историја, рече ловороносецот, Ренџов, кој по втор пат ја добива оваа престижна награда.


Михаил Ренџов

Беседа одржа академик Витомир Митевски, кој истакна дека, поемата „Предвесница“ на Михаил Ренџов заслужува да ја носи наградата што ја доби. Тој рече дека литературниот конкурс на Центарот за култура и „Просветно дело“ придонесува за негување на поезијата која, како што подвлече, продолжува да живее.


Доделувањето на наградата за најдобра поема за жал го проследи малубројна публика, која имаше прилика да чуе извадоци од поемата „Предвесници“ во интерпретација на Томислав Витанов.

Ohridnews