Најмладите охриѓани викендов имаа ретка можност да се дружат со хрватските автори на детски книги Ана Ѓокиќ, Зоран Понграшиќ и и Ема Понграшиќ, чии книги се веќе преведени и на македонски јазик. Децата со задоволство слушаа извадоци од книгите, разговараа со авторите и добија потпишани примероци.
Родителите воодушевено коментираа дека на Охрид му се повеќе од потребни вакви настани преку кои ќе се поттикнуваат децата што повеќе да се дружат со книгата и што повеќе да читаат, односно книгата повторно да се врати во рацете на најмладите.
Промоцијата е дел од проектот „Книги во чевли за Македонија“. Тројцата хрватски автори во Македонија престојуваат на покана на културната установа „Блесок“ и во различни градови ги промовираат своите дела на работилници. Промоцијата на проектот и книгите во Охрид се одржа во просториите на Филмската академија. Промотор беше поетесата Долорес Атанасова–Лори.
Целиот овој караван е финансиски поддржан од Министерството за култура на Хрватска и од Град Загреб, како и од Традуки. Причината поради која Традуки интензивно поддржува проекти поврзани со литературата за деца е што различните истражувања правени во земјите на Европа укажуваат дека децата на возраст помеѓу 9 и 16 години воопшто не читаат.
OhridNews
Фото: Албум од настанот



















