Антикорупциската комисија поведува две прекршочни постапки против претседателот Ѓорге Иванов поради поставувањето генерали во Армијата по распишување на изборите.

На денешната седница на комисијата беше соопштено дека првиот случај се однесува на унапредувањето на Васко Ѓурчиновски во чин генерал-потполковник – генерал-мајрор. Според антикорупциската, претседателскиот указ бил донесен на 25 февруари 2019 година, при што при унапредувањето на овој старешина во повисок чин не било постапено според одредбите од Законот за служба во Армијата.

„Министерството за одбрана спроведува постапка за унапредување и дава предлог до претседателот на Републиката, што во случајот, како што е наведено во одговорот на Министерството за одбрана, не е доставен“, се наведува во предметот на антикорупциската.

Од таму додаваат и дека указот за унапредување е донесен по денот на распишување на изборите, 8 февруари 2019 година, период во кој според закон не може да се преземаат вакви дејства.

Исто така, на 25 февруари годинава претседателот со укази ги поставил Орце Јордев, Драган Ковачки и Бесник Емини на позиции во АРМ.

„Во сите три случаи се работи за поставување на старешнините на формациски места генерали по основ на кои, сметано од денот на донесувањето на указите од претседателот на Републиката и нивното извршување, на споменатите старешини ќе им се исплатува зголемена плата – повисока од редовните месечни плати што ги примале пред донесувањето и извршувањето на указите, дејство што е забрането во изборен период“, велат од антикорупциската комисија.