На денешен ден
Светата православна црква го празнува споменот на Свети Спиридон
Чудотворец. Епископот и чудотворец Спиридон од Кипар се занимавал со
земјоделие. Живеел од својот труд и ги помагал сиромашните. Многу
неверници придобил кон христијанската вера. Умрел во 348 година.

Легендата
раскажува дека Св. Спиридон направил чудо на Никејскиот собор кога за
да ги демантира еретиците и Ариевците стиснал ќерамида во раката при
што од горната страна излегол пламен, а од долната страна на ќерамидата
протекла вода.

Постојат
повеќе обичаи и верувања поврзани со Св. Спиридон. Во Радовишко Св.
Спиридон бил еснафски празник на кондураџиите и самарџиите. На денот на
светецот овие еснафи носеле во црквата чинија со жито и проскури.
Жените го празнувале за здравје и среќа во работата на своите мажи.

Во
Пиринскиот крај Св. Спиридон се сметал за заштитник на коњите и
крупниот добиток. Затоа тој ден рано наутро жените раздавале обреден
леб за здравје на овој добиток. Во Охрид Св. Спиридон се смета за
патрон на кондураџискиот еснаф.

Јасминка Т. Момироска