Руса Среда спаѓа меѓу подвижните празници, што значи дека нема постојан датум туку секоја година го менува. Овој празник зависи од Велигден бидејќи се паѓа во средината меѓу Велигден и Духовден но секогаш во среда. Затоа освен Руса Среда овој ден се вика и Преполовение што значи половина од Педесетницата, односно од Духовден.

Во народното верување бидејќи се работи за пролетен празник кој е поврзан со зеленилото. Во Дебрца, охридско, на овој ден не се работи и не се јаде зелено. Марко Цепенков запишал дека на Руса Среда не чинело да се јаде нешто зелено како спанаќ, коприви и друго „за да не те фати булусница на устата (устоболие).“

Во Зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека на овој празник се изведувал обичајот „Додоле“ за измолување дожд. „На Руса Среда момите одберват една од меѓу себе и над рутишчата од глава до ноѕе ја опашват со секакви треви на пример боз и др. и ходат по куќите пејеешчем.“

Одлетала пеперуга, ој љуље,ој!
Од орача на орача, од копача на копача,
од режача на режача
да заросит ситна роса
ситна роса бериќетна
и по поле и по море
да се родит с бериќет
с бериќет виножито,
чеиниците до гредите,
јачмените до стреите,
леноите до појаси,
уроите до колена:
да се ранат сиромаси.
Дарвете не со сито,
да је ситна година,
дарвете не со ошница,
да је полна кошница
Дарвете не со јамаче
да је тучна година.

Кога стигнат под некој прозорец, от оѕгора туривает вода на опасаната со тревје. Влегват в куќите и тркаљает сито кое ако паднит ничкум во таја куќа ќе бидит скапиа, ако паднит инаку, плодородје. Во секоја кашча им давает брашно или друго нешчо и за ручек на собраните направјет гозба на која пејет и играјет. Това се викат Ој- љуље. И кога некој се (или некого) изводенит, се велит: се (или го) направих Ој-љуље.“

Јасминка Т. Момироска