Кривичниот Совет при Основниот суд во Струга, со кој претседава судијата Аце Петрески, во петок во 12 часот ќе ја објави пресудата во судскиот процес против британскиот државјанин Николас Морли, обвинет за предизвикување на тешката сообраќајна што на 2 мај се случи во близина на Струга во која настрада брачниот пар Чепуњоски.

Во завршниот збор,  струшкиот заменик, јавен обвинител, Благоја Даскалоски побара Морли да биде прогласен за виновен и да му биде изречена казна соодветна на стореното кривично дело, а притоа судот како олеснителна околност да  земе во предвид тоа што обвинетиот претходно не бил осудуван, како и неговата младост. Според обвинтелството Морли во критичниот момент возел со 161 км/ч. на магистрален пат каде брзината била ограничена на 60 км/ч., со што ја предизвикал сообраќајната незгода.

Одбраната на Морли во своето завршно излагање поради како што беше речено сериозни пропусти и контрадикторности ги оспори извештајот на  овластениот судски вештак Миле Попоски и сведочењето на очевидецот Ѓорѓи Голабоски, врз кој се темели обвинението.  Одбраната смета дека виновен за несреќата е возачот на голфот, сега веќе покојниот Владимир Чепуњоски, бидејќи  непрописно се приклучил на магистралниот пат.

Застапникот на оштетените, адвокатот Ѓоко Томоски, во завршниот збор повтори дека семејството на загинатите се откажува од кривично гонење на Морли, како и од оштетно побарување.

Во завршниот збор, обвинетиот Морли рече дека не се чувствува за виновен. Тој смета дека судот не ги зел во предвид одредени докази на неговата одбрана кои според него биле клучни и изрази надеж дека нема да биде осуден за како што рече дело кое не го извршил.

До објавувањето на пресудата, обвинетиот Морли ќе остане во притвор во затворот во Охрид.

Г. Момироски