” Зошто зошто” е претставата со актерката Мириам Голдмит која ќе се игра вечерва на сцената во Центарот за култура од 21 часот, придружувана од звуците на мистериозниот инструмент наречен “ханг”.

Режијата е на светски познатиот Питер Брук кој, како што  беше речено на прес-конференција, од почетокот на 70-тите години од минатиот век досега го има променето системот на третирање на театарот. Брук е познат и по неговата книга “Празен простор” која всушност претставува библија за театарот.


Претставата “Зошто зошто” е  продолжение на  соработката Брук-Голдшмит започната со претставата ” Среќни денови” од Семјуел Бекет. “Кога ја работевме   се однесував како бунтовник во одредени делови. Откривме дека се работи за  еден вид релација помеѓу зборовите и музиката, како еден вид молитва”, изјави актерката Голдшмит.

Единствената актерка на сцената ќе ја придружува Франческо Ањело, композитор, сценски уметник, режисер и театарски педагог кој се уште ги истражува можностите на инструментот “ханг”. Се работи за новооткриен инструмент којшто е комерцијализиран во текот на последниве 5 години.”За мене е предизвик да ја создавам музиката слушајќи го текстот”, рече Ањело.


Претставата “Зошто  зошто”, е работена од Шаушпиелхаус, Цирих во копродукција со театарот Гарибалди од Палермо и Барт продукција.

Селекторот на драмскиот дел на “Охридско лето”, Ѓорѓи Јолевски  вели дека “Зошто зошто” е повеќе трактат за уметноста и театарот отколку спектакуларна изведеба.

                            А. Ристоска