Инвеститорот на хотелот во Лагадин, бизнисменот Никола Толевски, ги отфрла обвинувањата на неформалното еколошко движење Охрид ЅОЅ, кое неодамна со писмен допис до медиумите обвини дека градењето на спорниот објект продолжува и покрај тоа што има решение за времено запирање на градежните работи, за што потврда била добиена од републичкиот инспекциски совет. Тој посочува дека преземените градежни активности се легални, бидејќи второстепената владина комисија позитивно одговорила на неговата жалба по однос на решението на општина Охрид за поништување на издаденото решение за градба 

Таа жалбена постапка траеше два месеци после што добив одговор каде Решението на градоначалникот на општина Охрид за поништување на решението за градба се поништува, а со поништување одобрението за градба станува правосилно. Јас за да не трпам натамошни штети решив да ја завршам последната пло;а за кога врне да не ми се полни подрумот. – изјави Толевски. 

Инвеститорот тврди дека ги почитува законите, и дека не гради голем објект кој ќе го наруши изгледот на крајбрежјето, туку хотел од мал обем со 8 апартмани и 10 соби, за што има склучено договор со туроператор од Холандија, во кој тој се обврзал дека истиот ќе биде готов до крај на месец јуни, а кој поради застојот нема да се реалзира.

 

Општина Охрид потврди дека второстепена комисија при Министерството за транспорт и врски ја уважила жалбата на инвеститорот и предметот го вратила на повторно одлучување во локалната самоуправа и најави дека наскоро ќе биде донесена соодветна правна одлука.

Г.М.