Привршува снимањето на „Дедо и внук“, првиот долгометражен филм на охриѓанецот Илија Пиперкоски, режисер и сценарист.
Пиперкоски задоволен од текот на снимањето и соработката со членовите на екипата која работи на реализирање на неговото дебитантско дело.
– Ова се најубавите денови од мојот живот. Многу ме радува тоа што имаме многу добар материјал, интересен концепт и замисла околу тоа како сакаме да го прикажеме Охрид како град. Истовремено сум и тажен, затоа што доаѓаме до крајот на снимањето. Следи постпродукција на филмот и се надевам дека ќе имаме успешен македонски филм, вели режисерот Пиперкоски.
На снимањето на денешните сцени во Канео, присуствуваа и претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска и директорката на Агенцијата за филм на РМ, Мими Ѓоргоска Илиевска.
– За мене е празник кога се снима ново македонско филмско дело. Денес уште повеќе, затоа што долгометражниот игран филм „Дедо и внук“ се снима токму во Охрид и е единствен долгометражен игран филм во македонската кинематографија, по филмот на Османли „Мирно лето“, целосно снимен во Охрид, изјави Ѓоргоска Илиевска.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски и други актери. Во снимањето на денешните сцени учествуваше и 12-годишниот охриѓанец Наум Цветкоски, ученик во основното училите „Христо Узунов“ кој вели дека е прекрасно искуство да се снима филм со познати актери.
Филмот има буџет од околу 400.000 евра, од кои дел одбезбеди Агенцијата за филм. Продуцент е Огнен Антов, директор на фотографија е Патру Паунеску од Романија, сценографијата е на Владимир Зафироски, костимограф е Жаклина Крстевска.
Снимањето на филмот започна во месец мај, а премиерно ќе биде прикажан во февруари 2018 година во Охрид.
Т.К.











