Жителите на охридското село Орман се жалат дека околу три месеци немаат целосно улично осветлување. Тие велат дека од уличните сијалици кои се поставени по должина на главниот селски пат, во текот на ноќните часови светат само десетина.

-Навечер навистина е многу темно, а на сите кои живеат тука оваа состојба многу им пречи. Иако неколку пати се обративме до надлежните служби, овој проблем суште не е решен. Дел од нашите соселани веќе си презедоа мерки и сами си ги променуваат сијалиците на сопствен трошок и ризик, вели жител на селото Орман.

Од секторот за комунални дејности сообраќај и улици при Охридската локална самоуправа најавија дека проблемот со уличното осветлување во ова село ќе биде решен во текот на наредните неколу дена.

-Пред околу три недели сменети се дел од прегорените светла во селото Орман, а во текот на наредните денови екипите ќе извршат промена и на останатиот дел од уличното осветлувањето. Бидејќи тендерската постапка за јавно осветлување е веќе завршена, теренските работи се одвиваат плански, екипите постојано се на терен во селата и работат на поправка и промена на уличните светла, велат надлежните во Секторот за комунални дејности сообраќај и улици.

Инаку во програмата за Јавно осветлување на Општина Охрид за период од 2014 до 2016 година планирано е поставување на нова улична инсталација за осветлување од „Алтанин Мост“ преку Орман до селото Долно Лакочереј.

Е.М