Денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржат две претстави во рамките на аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“, кој синоќа започна со изведбата „Суд за морални вредности“ од театарската група на Црвениот крст Охрид.

Како што рече на денешната прес-конферецниија, Даниел Наумоски, координатор на проектот од Црвениот крст Охрид, фестивалот продолжува денеска од 16 часот кога ќе биде изведена претставата „Бран“ на волонтерите од ЦК Крагуевац, додека од 20 часот започнува претставата на ЦК од Ужице.

„Навистина сме горди што успеавме да привлечеме публика, а сигурни сме дека и следните денови ќе има интерес за претставите во Центарот за култура „Григор Прличев“. Горди сме на сите луѓе кои беа вклучени во подготовките на овој фестивал, на волонтерите и сите вработени во Црвениот крст Охрид. Исто така, поддржани сме од ЕСРА, која доделува стипендии со 50 отсто попуст за пет актери, кои ќе бидат избрани од страна на стурчното жири, кои вушсност се и организатори на овој фестивал.“ – рече Наумовски.

Тој ја пофали актерската екипа од Црвениот крст Охрид, која синоќа со преставата „Суд за морални вредности“ го отвори првото издание на овој фестивал.

„Навистина сме задоволни од одзивот, успеавме да собереме околу 400 луѓе. Реакциите беа извондредни, а публиката воодушевена од она што покажаа нашите аматери, кои на сцената се однесуваа како вистински професионалци. Особено ни е чест што добар дел од професорите по македонски јазик коишто предаваат во основните и средните училишта, беа присутни на отворањето. Со оглед на тоа што нашата претстава беше покомплицирана, во која беа вклучени ликови од разни времиња од познатите дела на Толстој, Достоевски и други, навистина реакциите беа дека направивме прекрасна фузија на минатото, сегашноста и иднината.“ – потенцира Наумовски.

Денешната претстава „Бран“ на волонтерите од Црвениот крст од Крагуевац која започнува од 16 часот, има превентивна порака како младите и воопшто повозрасните, да се заштитат од ланецот на трговија со луѓе.

„Пораките во претставата говорат за начинот на превенција од она што актуелен проблем во нашата земја, но и во опкружувањето. Делуваме на младите и повозрасните, да не стапуваат во контат со непознати, како би се превенирале од ланецот на трговија со луѓе. Уште една изразувам благодарност за тоа што ме во Охрид и се надевам дека оние кои ќе ја погледнат претставата, ќе научат многу за ова.“ – истакна Сречко Стевовиќ од Црвениот крст Крагуевац.

Од 20 часот започнува комедијата „Дивиот запад“ на волонтерите од Црвениот крст Ужице, која ќе се изведува на карактеристичен ужички дијалект.

„Претставата говори за нашиот град и младите во него, кои денеска погрешно гледаат на животот и на себе. „Дивиот запад“ ја осмисливме ние, кои сме професионални актери, а потекнуваме од драмската секција од ЦК Ужице.“ – рече Душан Радојчиќ од Црвениот крст Ужице.

Инаку, во рамките на фестивалот „Вдиши театар“, утре од 16 часот ќе биде изведена претстава на средношколците од ОЕУМУЦ „Св. Наум Охридски“. Во сабота следат две претстави и тоа најпрво од 17 часот, мултинационалната „Изгубениот сон“ на Црвениот крст Кичево и две основни училишта, додека фестивалот ќе биде затворен во 20 часот со изведбата „Мачка на вжештен ламаринен покрив“ на охридската Гимназија.

O.T.