И покрај реакциите на граѓаните, за што во месец април пишуваше и OhridNews, состојбата со сообраќајниот метеж на делот од улицата „Јане Сандански“, на потегот од Комерцијална банка кон езерото, останува непроменета.

Според сообраќајните знаци улицата е двонасочна, но и понатаму од едната страна постојано има паркирани возила со што се отежнува движењето на возилата во двата правци. Според граѓаните, збунува хоризонталната сигнализација која означува паркинг места, но која останала од минати сезони кога улицата била еднонасочна.

По објавувањето на прилогот на OhridNews, обновен беше сообраќајниот знак кај Комерцијална банка кој означува забрана за паркирање и подигање на непрописно паркираните возила од страна на пајак службата. Но, и покрај тоа возилата си се паркираа, а според жителите не е забележана реакција ниту од Пајак службата.

Сега сообраќајниот знак е уништен, а метежот и понатаму присутен, особено за време на викендите кога поголем е и бројот на возила во градот.

OhridNews