Во земјава се регистрирани 26 случаи на западнонилска треска од кои 25 во Скопје и еден во Велес. Најголем дел од заболените се лица над 60 години, што укажува на зголемен ризик кај повозрасната популација, информираат здравствените власти. За жал, велат, еден пациент почина како последица на компликации поврзани со инфекцијата.

ЦЈЗ Скопје прогласи епидемија во повеќе скопски општини и населени места, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери, со цел поефикасно следење и превенција, посочуваат.

Надлежните апелираат на внимателност, без паника, и препорачуваат: редовна употреба на репеленти, носење светла и покриена облека, избегнување престој на отворено во периоди на зголемена активност на комарци, како и отстранување застоени води во дворови и околина.

Состојбата се следи континуирано, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови информации. Превенцијата и личната заштита остануваат клучни, додаваат.

OhridNews