На 10.05.2026 (недела), во ПУ „Јахја Кемал“ – Струга, ќе се одржи четвртото издание на пролетниот младински шаховски фестивал „Езерска Кралица 2026“, кој ќе собере учесници од различни возрасни категории и шаховски рангови.

Настанот е организиран од Младинската шаховска школа Струга во соработка со Здружението Граѓански Интегритет – Охрид, со цел промоција на шахот како спорт кој развива стратегиско размислување, концентрација и фер-плеј.

На турнирот се очекува учество на поголем број натпреварувачи од земјава и соседните држави, а натпреварите ќе се одвиваат по швајцарски систем.

Оваа година, во рамките на Пролетниот фестивал „Езерска Кралица 2026“, се организираат два турнири. Првиот е класичен шаховски турнир, а вториот е „Математика со шах“. Класичниот шаховски турнир е наменет за деца до 16 години (родени 2010 година и помлади), додека турнирот „Математика со шах“ е наменет за ученици од 1 до 9 одделение. Ова е уникатен турнир кој се спроведува за прв пат и, доколку има интерес, ќе продолжи и во иднина, изјави Ѓоко Котески од Младинската шаховска школа.

Регистрацијата на учесниците ќе започне во 09:00 часот на 10.05.2026 година во ПУ „Јахја Кемал“ – Струга.

Организаторите ги покануваат сите љубители на шахот, медиумите и граѓаните да присуствуваат и да го поддржат овој спортски настан.

Настанот е поддржан од ПУ Јахја Кемал Струга ,Сојузот на Математичари на Македонија, Федерацијата на училишен спорт на Македонија,Здружението Граѓански интегритет Охрид, како и од Општините Охрид и Струга. Подетални информации заинтересираните може да добијат на: [email protected] или на 077-897-218.

OhridNews