Денес во 12 часот, во Прличевата одаја, ќе биде промовирана книгата „Авторски ора“ од Гоце Џуклески, збирка што содржи 76 ора, поделени во два дела – „Македонски ора“ и „Балкански ора“.

Мелографијата, компјутерската нотографија и графичкото обликување се дело на м-р Сашо Ливрински, долгогодишен соработник на д-р Гоце Џуклески. Во предговорот тој го истакнува препознатливиот музички јазик на авторот, вклучувајќи карактеристичен мотив од пет тона што се појавува речиси во секоја композиција и претставува негов авторски потпис.

На промоцијата, во присуство на авторот, преку видеозаписи и нарација ќе бидат претставени рецензиите на музиколозите и музичките виртуози Кирил Тодевски, Марко Коловски, Влада Веселиновиќ, Владимир Минчев и Дарко Илиевски. Ќе се обрати и авторот на книгата.

Изданието е објавено во тираж од 200 примероци, во издание и печат на „Индиго Хаб“ од Скопје.

Промоцијата е во рамки на програмата на Општина Охрид за одбележување на 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид.

OhridNews