Книгата „Скриена Македонија: Мистичните езера на Охрид и Преспа“ од новинарот и писател, Кристофер Делизо, ќе биде промовирана денеска во 18:00 ч. во „Travel bookshop“ во познатата област Notting Hill во Лондон, дознава Ohridnews.

„Охридското и Преспанското Езеро се меѓу најстарите и најмагичните во светот, изобилуваат со ендемичен жив свет , некогаш седишта на средновековни кралства, преполни со светилишта, мистерии и легенди“, пишува во својата книга Делизо. Во ова фантастично кружно патување низ езерската земја минувајќи низ три држави:Грција, Албанија и Република Македонија, авторот, го открива духот на езерата преку средби со луѓето, кои како што тој раскажува биле топли и гостопримливи.
 
Навлегувајќи во длабочината на секојдневниот живот, авторот истовремено ги открива длабоките историски рани и контроверзи кои се уште се присутни во оваа  како што пишува напатена земја. Ова патешествие донесува разновидна и комплексна историја, оживувајќи ја повторно и нуди предизвикувачка  хроника од едно патување во една од најшокантните и историски најзначајни области во Европа која како што пишува, „останува сеуште да биде пошироко откриена“.

Кристофер Делизо е  Американец. Тој е стациониран во Скопје, и  го истражувал животот на Балканот и Медитеранот скоро една деценија. Има публикувано многу репортажи во многу весници, магазини и веб сајтови. Тој исто така го води и он-лајн магазинот balkanalysis.com. По повод објавувањето на книгата Крис Делизо ќе учествува во радио емисијата на Би-Би -Си – 4’s ‘Excess Baggage ‘ with Sandi Toksvig во сабота на 8-ми декември (10-10:30ч.)

Јасминка Т. Момироска