Современата македонска поезија е збогатена со две нови дела од авторката Рада Видиновска, Македонка која долги години живее и работи во Канада. Во просториите на Градската библиотека „Григор Прличев“ денес беа промовирани нејзините најнови наслови „Жена на брегот од океанот“ и „Харфа“ –  збирки поезија. Овие дела , според авторката се инспирирани од незгасната љубов и носталгија кон родниот крај.

„Јас сум од битолското село Живојно, крај кој ми е секогаш во мислите и што ми претставува вечна инспирација. Инаку скоро 40 години сум во Канада и сум еден од основачите на македонското литературно друштво „Браќа Миладиновци“ во Торонто. Членувам во повеќе иселенички организации, а со пишување се занимавам од најрани години“ вели за себе Видиновска.

Како рецензент на новите дела од Видиновска се јавува академикот Никола Кљусев:

„Се запознав со Рада во сега далечната 1994 година, кога бев гостин во Торонто. Нејзиниот опус и творечка моќ навистина заслужуваат внимание. Инспирирана од родниот крај таа го ткае фолклорниот килим на родната Македонија, а во себе ја носи  таговната болка на секој Македонец што ја напуштил Македонија“ рече Кљусев.


Од денешната промоција во Охрид

Во своето поетско творење, академик Видиновска е посебно активна од почетокот на деведесеттите кога и ги напишала „Молњи во окото“ (1993) „Скришни огледала“ (1995) „Отворени Порти“ (1999) и др.

ОКЕАНОТ И ЖЕНАТА

Кон мојата родена куќа
Често ја здогледував сенката на океанот.

Со него разговарав како со човекот
И моите внуци.

И океанот и жената
Имаа сетила и воздишки
Од житни зрна и крикови
На гавраните.

Од книгата „Жена на брегот од океанот“

С. Костоски