Песната „Денување“ на македонскиот автор Стефан Костоски ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.

Жири-комисијата во состав Стефан Марковски (претседател), Снежана Стојчевска и Виолета Танчева-Златева (членови), во своето образложение велат дека станува збор за песна со цврста структура.

Наградената песна се издвои по уникатниот творечки пристап, кој се состои во густо исткаени метафори со одреден степен на индиректност што сведочи за индивидуалната поетска рефлексија која не остава простор за излишни зборови. Метафорите се нагласуваат со градацијата, која се воспоставува на ниво на строфи и на тој начин целата песна егзалтира во вид на метафора за самиот живот.

Во тие рамки, смислата на песната концизно допловува од вешто изградените слики што се надоврзуваат едноподруго како на филм. Низ само три строфи, Стефан Костоски мајсторски ги доловува клучните пунктови што го одбележуваат човековото векување. И животот и песната почнуваат со рожбата, светлината и истокот, сопоставени на заминот во мракот, кој сепак не е конечен.

Сликата во која чекорите се враќаат сами како што сенката се враќа во сопственото тело не е ништо друго освен најава за постојаната цикличност на егзистенцијата во која поетот недвосмислено верува и врз којашто верба ја втемелува основата на своето поетски обликувано сфаќање на животот, стои во образложението на жири-комисијата.

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга” синоќа заврши официјалниот дел на 62. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Фестивалот ќе се заокружи со Меѓународен поетски митинг во Скопје, кој ќе се одржи вечер на платото на Музејот на современа уметност со почеток во 20:30 часот.

OhridNews