Со пригодна свеченост, денес, и официјално беше пуштена во употреба  современата пешачко рекреативна патека од каналот Студенчишта до хотел Парк.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Никола Бакрачески го искажа своето задоволство што заврши реализацијата на, како што рече, овој крупен проект за охриѓани кој одамна бил потреба и барање на граѓаните на Охрид.

– Знам дека секој од вас го искусил задоволството од пешачење, трчање, спортување, рекреирање на оваа патека, сето она што оваа рекреативна зона го нуди за граѓаните и верувам дека сите го делиме моето чувство на задоволство. Природата во Охрид многу дала и Бог не штедел кога давал тука и секако дал и разум оваа природа адекватно да ја искористиме и да можеме да уживаме во задоволствата кои ги овозможува. Еден од начините да уживаме во природата е и градбата на вакви рекреативни зони. Морам да бидам искрен и нескромен пред вас, во овој период од две години откако почнаа градежните активости на оваа патека, добиваме пофалби од граѓани од цела Македонија и тие траат до денес. Тоа не исполнува и мотивира да продолжеме понатака во изградбата на вакви рекреативни зони, пешачки патеки за охриѓани и гостите, но и обврзува и понатаму посветено и напорно да работиме на разубавување на градот во сите негови делови и каде е можно, рече Бакрачески.

Современата  пешачка патека е широка 10 метри , со две пешачки зони, две патеки за ролери и велосипеди, а во средината е хортикултурно уредена и осветлена. Во рамки на патеката има и посебна фитнес зона, а според најавите на градоначалникот наскоро ќе биде изградено и ново детско игралиште.

OhridNews