Затемнети стакла, хромирани детали на каросеријата однадвор, внатре модерен ентериер, седишта комбинација од кожа и квалитетен текстил, навигациски и други технички уреди и моќна германска машина под хаубата со автоматски менувач. Вака изгледа новото службено Ауди А6 со кое се вози градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, за кое општината од буџетот издвои 66.700 евра. Мерко не смета дека скапото ауди, предвидено во програмата за работа на локалната самоуправа во 2018 година, е луксузно возило. Додава дека тоа не е лично возило кое ќе биде паркирано пред неговиот дом, туку сопственост на општината.

Воопшто не е луксузно возило. Лукзуз се возила со цена над 100.000 евра. Ние не купивме А6 со фул опрема и 3000 кубици или А8 кое чини над 120.000 евра. Еден просечен граѓанин денеска патува со возило кое чини 50, 70, па и над 100 илјади евра. – вели Мерко.

Покрај аудито, Општина Струга со пари од даночните обврзници, набави уште една лимузина Шкода Октавија и две возила Шкода Рапид, за што вкупно издвои 114.000 евра. Мерко вели дека тие биле неопходни за општината, бидејќи возниот парк бил стар, а возилата често им се расипувале на пат. Тврди дека постапката е спроведена транспарентно, а критиките на јавноста повеќе ги сфаќа како завидливост, бидејќи успешно ја водел општината.

Велат дека кон голема личност фрлаат камења. Што ќе фрлаат кон помали градоначалници, иако ги ценам сите. Струга на некој начин напредува и успешно се развива и оттаму нападите кон мене. – додава Мерко.

Со новите возила, Мерко низ смеа рече дека неговата администрација ќе биде побрза, а старите, меѓу кои имаше мерцедес и ауди, едвај успеале да ги продадат, биле дотраени, некои дури изгризани од глувци, а одржувањето прескапо и неисплатливо.

Г.М.