„Против мене се води политичка хајка“ смета градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, против кого ОВР Струга вчера поднесе кривична пријава за сторени три кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластвување“.

Мерко се товари дека склучил штетни договори за плаќање на комуналии со  фирмите „Фати“ и „Мираж“ од Струга кои на општинската сметка наместо целосниот износ уплатиле само по една рата од потребните средства, како и за давање дозвола за градба на објект за кој општинскиот инспекторат имал изречено мерка за забрана на градба.

Ова е едно етикетирање во континуитет на градоначалникот на Струга. И претходниот пат имаше пет кривични пријави на список, но четири се отфрлија,  а таа што  остана е од политичка природа и нема ништо со  кривично однесување на градоначалникот“, вели Мерко.

Што се однесува до конкретниот случај,  законски е постапено, тврди Мерко. „Споменатите фирми ги  исплатуваат сите средства по договор. За секое задоцнување на исплата на средствата општинските  служби согласно законот имаат преземено мерки, а згора на тоа за секое задоцнување следат и камати“, додава Мерко. Со тоа   не се оштетува општинскиот буџет, туку напротив се инкасираат повеќе средства во општинската каса, вели Мерко.

Струшкиот градоначалник е подготвен, како што вели,  со аргументи да ги брани своите ставови пред суд, но смета дека се работи за класична  политичка пресметка која е на штета на граѓаните.

Горан Момироски