Во последните неколку години значително порасна бројот на неиздадени дуќани на атрактивни локации во Охрид. Најголемиот број деловни објекти на кои стојат натписи „Локалот се издава“ се лоцирани на булеварот ,,Туристичка”, на улиците ,,Даме Груев”, ,,Јане Сандански”,  „7-ми Ноември“,  „Гоце Делчев“ и ,,Питу Гули”. Веќе долг временски период празни локали има и во Деловно -трговските центри ,,Амам” и „Трудбеник“, во индустриската зона на улицата „15-ти Корпус“ и други помали улици во градот.

Добрите познавачи на пазарот со недвижности велат дека ваквата состојба се должи на големата понуда на деловни објекти.

-Сите колективни згради или објекти за домување кои се изградени во последните неколку години на фреквентни места во Охрид, првиот кат го имаат наменето за деловни простории. Има и такви објекти каде што и првите два ката се наменети за деловни простории. Во моментов во нашиот град имаме бројка на дуќани која е можеби четири пати поголема од самата побарувачка односно потреба за деловни објекти, велат охридските агенти за недвижности.

Охридските трговци сметаат дека покрај големата понуда, значаен фактор за големиот број неиздадени дуќани се и високите кирии кои ги бараат соствениците на локалите.

-Има дуќани на атрактивни локации во чаршијата или во централното подрачје за кои вреди да се даде кирија и од 2.000 евра, но има и такви дуќани низ Охрид за кои не вреди да се даде ни 100 евра кирија месечно. Значи се почесто има сопственици на дуќани кои ги преценуваат своите деловни објекти и бараат нереални цени за закупнина. На пример јас лично бев заинтересеран за еден локал на булеварот „Туристичка“ за кој се бараше курија од 500 евра, што за мене беше премногу, вели трговец кој има најмено дуќан во Старата турска чаршија.

Според него сите граѓани кои се заинтересирани за започнување на нов трговски или услужен бизнис, претежно бараат деловни објекти во централното подрачје, затоа што тука има најголема фреквенција на минувачи и туристи.

-Состојбата со дуќаните во централното подрачје на Охрид мислам дека сега е подобра од порано. Според мене сега во центар и во чаршијата нема многу неиздадени дуќани, вели нашиот соговорник.

Млада охриѓанка која од скоро време се занимава со трговија вели дека големата бројка на незидадени дуќани во Охрид се должи и на  конкуренција во трговијата.

-Мислам дека веќе пазарот во Охрид е презаситен со трговски дуќани. Речиси секое второ семејство во градов егзистира од некој трговска дејност. Од ден во ден прометот е се помал, па се плашам дека во иднина ќе расте бројот на неиздадени локали, поради тоа што голем број трговци ќе ги затворат бизнисите, вели нашата соговорничка, која е сопственик на цвеќарница.

Според неа, за да има поголем промет во трговијата, потребно е и граѓаните да имаат стабилна куповна моќ и поголем стандард.

Е.М