ОВР Кавадарци, денеска, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, состевена од лица од Струмица, Скопје, Куманово и Битола, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, соопшти МВР.

Кривичната пријава за организираната група била резултат на повеќемесечна истрага во која поддршка дала и Американската служба за борба против дрога – ДЕА по која следувала вчерашната акција во која беше запленета поголема количина дрога во вредност од над 800 илјади евра.

Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА спроведоа повеќемесечна истрага, во координација и по насоки на Јавен обвинител од ОЈОГОКК, а во текот на вчерашниот ден беше реализирана заеднички координирана акција, при што на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с.Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми, појаснуваат од МВР.

Во Прилеп, во исто време, е лишен од лицето, кое управувало товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки.

При извршен претрес во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај лицето од Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај лицето од Прилеп, полициски службеник. При претресот кај лицето од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства, а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај лицето од Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат, се вели во соопштението од МВР.

По наредба на Јавен обвинител и добиена наредба од Судија на претходна постапка во соработка со Комисијата за оценување на исполнетост на условите и контрола за производство на медицински канабис при Министерството за здравство, во текот на ноќта е извршена контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, со кои соработувал едно од уапсените лица.

Сите шест лица се лишени од слобода и денеска ќе бидат изведени пред Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд, а продолжува интензивна истрага со цел идентификување на други инволвирани лица во неовластена набавка, држење, пренесување и продажба на наркотична дрога. Министерството за внатрешни работи продолжува со бескомпромисната борба со криминалот, велат од МВР.

OhridNews