Русите се многу емотивен народ и многу ни се блиски. Таква е и претставата „Циганите летаат на небо“, полна со емоции и одговори на многу прашања кои си ги поставуваме. Затоа толку трае на сцената и ќе трае уште толку, вели српскиот актер Иван Босиљчиќ, главниот лик во култната театарска претстава, која неодамна во театарот „Теразије“ во Белград, Србија, имаа можност да ја гледаат стотина ученици од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, во рамки на наставната програма по Македонски јазик и литература. Во разговорот што го реализираа ученичките Анамарија Момироска и Еленора Бачиќ, актерот Босиљчиќ открива дека работи на големо телевизиско шоу што ќе почне да се емитува наскоро, зборува за приватниот живот и семејните вредности, како и за желбата повторно да ја посети Македонија.
Претставата „Циганите летаат на небо“ се изведува на сцената на театарот „Теразије“ од 2004 година. Која е тајната на успехот на оваа претстава која се’ уште ги полни салите?
И. Босиљчиќ – Мислам дека се што е руско или балканско во уметноста може многу добро да го разбереме. Постојат многу дела кои ни доаѓаат од западот, но јас не верувам во нивна долговечност. Ова е големо дело на Максим Горки кое говори за слободата, односно за тоа што е слобода. Дали љубовта е слобода? Дали животот на ромите кои немаат дом е слобода? Дали бракот е слобода или не? Ние за тоа размислуваме речиси петнаесет години. Овие луѓе кои ги гледавте на сцената не беа доволно зрели кога им се случи љубов за да сфатат дека треба да се ослободат, а не да се прават важни кој ќе клекне, а кој ќе стои, во љубовта секој ја наведнува главата пред љубовта, не пред другата личност. Такашто мислам дека сите овие прашања на кои бараме одговор и пред се што ова е руско дело и има боженствена музика толку долго трае и мислам дека ќе трае уште толку.
Моментално работите во Русија. Колку ангажманот во оваа претстава во која се изведуваат најубавите руски песни ве приближи до Русија?
И. Босиљчиќ – Морам да признам дека дури кога отидов таму сфатив зошто руската книжевност, кинематографија, театар, се такви какви што се. Кога гледате руски филм гледате колку се брзи, темпераментни, се расправаат, пијат, брзо се трезнат. Нешто како што работи Костурица кај нас. Сметав дека тоа е само уметнички поглед, дека нивните режисери сакаат да го претстават светот на еден малку потемпераментен начин, но тие навистина се такви. Како што се и Македонците, народ, игра, песна, дух. Како што се Србите на свој начин. Е Русите се многу емотивен народ, многу ни се блиски. Таква е и оваа претстава, полна со емоции, и секој кој настапува во неа се внесува стопроцентно, до крај.
На какви проекти работите моментално во Србија и надвор од неа?
И. Босиљчиќ – Моментално се подготвува големо музичко шоу, своевиден мјузикл кој ќе се емитува на националната телевизија РТС од септември. Јас ќе бидам домаќин. Постои можност да снимам и една серија, знам дека публиката тоа го сака, така да ќе има доста работа.
Во Македонија голема популарност стекнавте со улогите во филмовите од книгите на Миријам. Дали и кога ќе има можност да ве види повторно македонската публика со некој филмски проект или театарска претстава?
И. Босиљчиќ – Многу би сакал. Оваа претстава гостуваше на Охридско лето во 2006 година на Античкиот театар. Никогаш подобра не била од таа претстава. Кога се вративме назад значително се подигна нивото на претставата. Настапив исто така со музичко поетски проект во Универзална сала и би сакал да ја посетам Македонија повторно.
Во брак сте со познатата пејачка Јелена Томашевиќ. Дали се надополнувате на професионален план. Кој кого повеќе критикува, се разбира во позитивна смисла?
И. Босиљчиќ – Кога луѓето се со слични професии можат многу да си помогнат во професијата. Но, мирот во семејството и времето поминато заедно е многу покорисно од успехот во работата. Јелена ја работи својата работа како што и вашите родители ја работат својата, јас работам како што вашите наставници работат. Работа е работа и секој ја извршува најдобро што знае. Се чуваме еден со друг и тоа ни овозможува да сме одморени и задоволни на сцената и всушност во тоа е клучот.
Учениците од охридската гимназија со актерот Иван Босиљчиќ
Со оглед на бројните ангажмани кои ги имате и двајцата дали ви останува слободно време за било што и како го поминувате?
И. Босиљчиќ – Се бориме за тоа. Тоа е чиста математика. Слободното време мора да се пресметува. „Седите“ на фејсбук или инстаграм и не забележувате дека поминале три часа, а тоа било вашето слободно време. Е тогаш си велите не може така, па следи кратење, десет минуту на фејсбук, десет минути на инстаграм и затоа ми паѓа популарноста :), а во останатото време ќе бидам со најблиските и пријателите. Слободното време мора да биде организирано. Најмногу го посветувам на сопругата и мојата петгодишна ќерќа, на моите родители и пријателите. И малку на интернет, кој морам да признам е една голема стапица.
Анамарија Момироска
Еленора Бачиќ















