Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, е роден во 1963 год. во с. Битуше. Завршил основно образование во ОУ „Братство-Единство“, додека средно образование завршил во ОСУ „Свети Климент Охридски“ во Охрид. Во 1987 дипломирал на Медицински факултет во Скопје, а во 2000 година специјализирал неурохирургија исто така на Медицинскиот факултет. Оженет, во брак со Валентина, татко на две деца Петар и Моника, од ќерката внука Ирина. Вработен во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“.

Во разговор за OhridNews д-р Милошевски говори за мотивите да се кандидира за градоначалник, за визијата Охрид да го види убав, со модерни улици, плоштади и места за дружење, со професионална  и ефикасна локална администрација, развиен туризам и раздолжена општина која ќе инвестира во иднината на младите, односно во образованието, спортот и културата.

ON: Што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Охрид?

Д-р Милошевски: Чувствувам одговорност дека сум потребен во овие тешки моменти за Охрид и охриѓани. Мојата душа и срце живеат за подобро утре на градот Охрид со цел да создадеме уште повеќе за сите нас, да направиме многу позитивни работи. Секогаш сум бил заедно со граѓаните, сум носел правилни одлуки затоа решив да влезам во оваа трка за Охрид.

ON: Каква визија за Охрид има д-р Милошевски?

Д-р Милошевски: Охрид мора да е убав. Во мојот мандат нема да има неасфалтирана улица, секое место ќе има водовод и канализација, секое дете ќе биде запишано во градинка, секое маало ќе има парк, и ќе има повеќе од 10 скверови и плоштади, места за дружење. Приоритетни проекти во Програмата „За убав град“ се: изградба на Кеј, реконструкција на градските плоштади Св. Климент Охридски и Крушевска Република (Чинар), изградба на нов плоштад Студенчишта и изградба на велосипедска патека Охрид – Свети Стефан.

ON: Доколку ја добиете добербата од охриѓани, што ќе биде првата работа што ќе ја реализирате и што ќе биде ваш приоритет, имајќи предвид дека новиот градоначалник ќе има скратен мандат, што на некој начин претставува и хендикеп?

Д-р Милошевски: Охрид мора да биде во центарот на вниманието. Приоритет за овој град мора да биде долгорочен економски раст, зголемување на конкурентноста и вработеноста и намалување на стапката на невработеност. Ефикасна и отворена Локална самоуправа за охриѓани и решавање на проблемот со паркингот, нехигиената, дивоградбите, хаосот во образованието и здравството.

ON: Каква локална самоуправа може да очекуваат граѓаните доколку Вие ја водите?

Д-р Милошевски: Со нови начини на организирање на работата, навремени реакции, достапност и услужност за граѓаните до ефикасна и отворена Локална самоуправа. Отворена општина, општина што работи заедно со граѓаните ќе биде мојата цел. Ефикасна Локална самоуправа преку формирање најквалитетен стручен тим кој ќе ми помага да менаџирам. Исто така еднаш неделно отворен ден со граѓаните за нивните идеи, предлози, мислења, критики.

ON: Каква клима ќе гради локалната самоуправа за развој на стопанството и туризмот како една од носечките гранки во градот. Што може да очекува ликалната бизнис заедница од вас?

Д-р Милошевски: Ќе се залагам за продолжување на туристичката сезона во текот на целата година. Гостите кои доаѓаат треба да се чувствуваат пријатно и безбедно. Имаме стратегија со која мора да се искористи потенцијалот на градот во текот на целата година. Унапредувањето на туризмот и меѓународната соработка на градот мора да биде на највисоко ниво, град целосно отворен и ориентиран кон туристите, но и град кој ќе се грижи за своите граѓани и кои во целост ќе ги задоволува нивните потреби. Формирањето на претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица и субвенциите за вработените во туризмот ќе значи образован кадар од угостителството и туризмот, но и во целото стопанство, како носечка сила за убав град.

ON: Државата го презеде управувањето со колекторскиот систем и најави преземање на плажите на Охридското Езеро. На барање на УНЕСКО се напушти идејата за изградба на експресен пат преку Галичица и изградба на ски центар. Дали се согласувате со ваквите политики. Екологија или економија, или како до одржлив развој?

Д-р Милошевски: Охрид и Охридското Езеро се грижа на сите. Тоа што се случува сега со Охридското крајбрежје го достигнува врвот на негрижата за природата и културно-историското наследсство. Колку со тоа преземање ќе се решат проблемите треба да видиме, но ситуацијата на терен ни кажува сосем друго. Прекумерната урбанизација често и во заштитени зони, дивоградбите, палењето на трската, негрижата за Студенчишкото блато покажуваат голема несериозност на надлежните институции што е недозволиво за Охрид. Охрид е природно убав град, бисер на Балканот и Европа. Охрид ги има сите предности и културни, и историски и географски да го заземе приматот. Извештајот треба да се почитува бидејќи местото на градот е само во УНЕСКО и на никое друго место.

Со сериозна стратегија и пристап кон една од најважните економски гранки за охриѓани-туризмот, директно придонесуваме во локалната економија со цел оптимистички показатели. Со екологијата и уредувањето на зелените површини, директно придонесуваме за почиста, а со тоа и поздрава животна средина за сите нас.

ON: Државата презеде половина долг од општината, но тој се уште е голем. Како ќе тече раздолжувањето понатаму и дали тоа ќе влијае на реализацијата на вашата програма?

Д-р Милошевски: Проблемот со долгот е наталожен долги години и е голем терет за градот Охрид. Некоректно е неодговорното однесување на одредени субјекти да го плаќаат граѓаните. Што се однесува до раздолжувањето тоа е започната токму уште од претходната Локална власт кога се вратени над 14 милиони евра стари долгови. Сега покрај 8 милиони евра раздолжување, општината ќе остане должна и понатака повеќе од 9 милиони евра на правни и физички лица, долг за кој и натаму ќе продолжат да течат камати и повторно ќе расте долгот на општината. Во раздолжувањето не смее да има никој од доверителите приоритет при договорањето на исплата на доспеаните, а неплатени обврски. Преку домаќинско и отчетно работење реализацијата на програмата за убав град ќе се спроведе за доброто на Охрид и охриѓани.

ON: Какви планови имате во областа на образованието, спортот и културата?

Д-р Милошевски: Знаењето е сила, знаењето е моќ. Вложувањето во образованието, спортот и културата ќе бидат врвен приоритет. Со проектот бесплатна здрава храна за учениците од прво до петто одделени директно се субвенционираат младите семејства, а истовремено се поттикнуваат учениците да практикуваат здрави навики, навремено да се исхрануваат и да користат разноврсни продукти полезни за нивниот раст и развој. Учениците мора да учат во современи и модерни услови. Проектот за реконструкција или доуредување на градинки, основни и средни училишта ќе има за цел да ги подобри просторните услови во училиштата и градинките. Изградбата на ново училиште „Братство-Единство“ (Лескајца), реконструкција на училиште кров, фасада и столарија во село Елшани, во Долно Коњско, реконструкција на санитарии во сите образовни институции, изградба на нова детска градинка, бесплатни карти за превоз на учениците 24 часа за сите ученици од основно и средно образование, субвенционирање на дел од патните трошоци на просветните работници кои патуваат од град во село и обратно до своето работно место се само дел од многуте проекти во образованието.

Инвестирањето во спортскиот дух од најмали нозе кај децата е вистински влог во здравјето на нацијата, па затоа изградбата на 30 рекреативни зони, односно 5 тениски терени, 5 мултифункционални игралишта, 20 детски игралишта ќе биде во таа насока. Изградба на спортски и детски игралишта во Велгошти, Елшани, Долно Коњско, Пештани и уште на многу други места. Поддршката на локалните клубови ќе биде на високо ниво со цел достојна афирмација на градот.

Охрид ќе биде ризница од културни, традиционални, историски и религиски вредности. Поддршката на постојните, но и придобивање меѓународни манифестации, национални-културни настани, концерти и претстави, изложби и промоцииц ќе бидат главни промотори на градот.

ON: Кој е Митре во приватниот живот, што сака да прави, како го минува слободното време?

Д-р Милошевски: Сопруг, родител, дедо, пријател… Со сопругата Валентина секој слободен момент и го посветуваме на внуката Ирина. Своето слободното време сакам да го поминам со семејството, и со нив, но и со пријателите, со гостите да прошетам низ градот. Со задоволство наоѓам време за нив, сакам да направиме муабет, заедно да прошетаме, да го разгледаме Охрид.

ON: Доаѓате од лекарската фела. Според законот функцијата градоначалник е неспоива со друг професионален ангажман. Што му вели докторот на политичарот Милошевски?

Д-р Милошевски: Еднаш положената заклетва за етичко извршување на должноста во мојата професија како доктор е аманет. Медицината подразбира работа, систематичност, чесност, дисциплина и хуманост. Сето ова ќе го вградам во мојата работа во Локалната самоуправа која во целост ќе биде посветена на Охрид и охриѓани. Моето мото да помагам, и во добро и во лошо и секогаш тука за сите, и за поимотните и за посиромашните, како што и медицината не ги двои граѓаните по етничка припадност така и мојот поглед на размислување е таков. Јас секогаш ќе бидам тука за граѓаните.

ON: Порака до гласачите…

Д-р Милошевски: Да одбереме напредок и резултати. За решавање на проблемите треба работа и посветеност.

Градот може да биде убав, и ќе биде убав.
За убав град! Охрид повикува!

OhridNews