Мислам дека политиката не се меша во културата, вели во разговор за OhridNews Горан Симоноски, директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ и претседател на ОО ЛДП Охрид. 43-годишниот Симоноски кој по професија е етнолог и магистер за културни манифестации со осумгодишно работно искуство во НУ „Охридско лето“,  открива која ќе биде стратегијата на новото раководство на центарот, која ќе биде насочена кон анимирање на локалните стопанственици и поголемите моќни компании во земјата, да вложуваат во Центарот за култура. Во однос на претстојните вонредни локални избори, Симоноски истакна дела ОО ЛДП Охрид ќе го поддржи кандидатот кој внатрепартиски ќе го изберат СДСМ, додавајќи дека  ЛДП подеднакво ги цени и жените како и мажите.

ОN: Неодамна сте назначен за директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Доаѓате од надвор во институција од областа на културата, што ве мотивираше да конкурирате?

Г.Симоноски: Предизвик е, но пред се е голема одгворност да се биде на чело на НУ Центар за култура „Григор Прличев“. По природа сум човек од акција, човек кој што сака да твори и да биде продуктивен. Доаѓам надвор од институцијата, но како човек од областа на културата ќе се вложам максимално да Центарот за култура „Григор Прличев“ го издигниме на едно повисоко ниво.

ОN: Допираат ли до вас гласините за вмешаност на политиката во културата, дотолку повеќе што вие сте актуелен претседател на ОО ЛДП – Охрид?

Г.Симоноски: Не мислам дека политиката се меша во културата, системот во кој едни луѓе беа со децении на одредена позиција е многу години зад нас. Многу е нормално и природно за системот во кој живееме во денешно време, едни да заминуваат, други да доаѓаат, сепак важното е тоа што луѓето во културата се од областа на културата.

ОN: Кои се вашите планови, како ја замислувате работата на Центарот за култура, каква ќе биде организациската поставеност на институцијта, во чии рамки функционира и Народниот театар, ќе има ли некакви промени можеби?

Г.Симоноски: Јас како прв човек во институцијата, заедно со тимот – вработените во институцијата ќе се вложиме максимално да центарот за култура оди во нагорна линија. Во склоп на центарот за култура функционира Народниот театар Охрид, Охридски староградски средби, манифестацијата Прличеви беседи, Балкански фестивал на народни песни и игри. Тоа значи имаме повеќе можности да се докажуваме, а воедно и да ги задоволиме апетитие на широката публика. Секако дека ќе организираме и друг вид на манифестации како би ја збогатиле програмата на центарот за култура.

ОN: Инфраструктурно Центарот за култура се наоѓа во многу лоша состојба. Дали проектот за изградба на нов е дефинитивно напуштен, која е алтернативата, има ли план Б како да се подобрат условите за работа во институцијата и како за тоа придонесува мерката на претходната влада за преземање на повеќе вработени од Македонски шуми?

Г.Симоноски: Центарот за култура е во таа остојба која што е. Кој не би сакал да работи и твори во нова зграда со сите неопходни услови. Се додека да се оствари тоа, ние ќе се насочиме со изработка на посебни маркетинг планови да најдеме заеднички јазик со локалните стопанственици па и пошироко со поголемите моќни компании во Р. Македонија, да вложуваат во културата, конкретно во Центарот за култура Охрид, како би имале можност дел по дел да го реконструираме – осовременуваме, нормално и со поддршка од Министерството за култура на Р. Македонија.

Сите вработени во Центарот за култура си имаат свои работни задачи и обврски и се функционални.

ОN: Како што веќе кажавме, вие сте и претседател на ОО ЛДП Охрид, која е дел од владејачкото мнозинство. Во ек е внатрепартиска или може да се каже и внатрекоалициска битка околу кандидатот за градоначалник на Охрид за претстојните вонредни избори закажани за 21 април. Дали ЛДП ќе излезе самостојно на изборите или ќе го поддржи кандидатот на коалицискиот партнер СДСМ?

Г.Симоноски: Сепак за тоа одлучува највисокиот орган на ЛДП, тоа е централниот одбор. За две недели ќе заседава централниот одбор на ЛДП и ќе ја знаеме одлуката. Имајќи ја предвид коректната соработка со коалициониот партнер СДСМ , како на републичко, така и на локално ниво, јас сум убеден дека ќе настапиме заедно на локалните избори и ќе го поддржиме кандидатот на СДСМ.

ОN: Во јавноста се вртат неколку имиња како можни кандидати, актуелни вршители на функции, истакнати партиски членови на најголемата владејачка партија, меѓу кои е и една жена. Што од понуденото до сега е прифатливо за ЛДП, ќе инсистирате можеби на некакви критериуми во изборот на кандидатот за градоначалник?

Г.Симоноски: Да, во јавноста веќе се вртат неколку имиња од коалициониот партнер, сепак внатрепартиски СДСМ ќе одлучи кој ќе биде нивниот кандидат, сите се квалитетни, кој и да биде ќе биде добар менаџер – градоначалник на Охрид. Како што напомнав ние ќе го поддржиме кандидатот кој внатрепартиски ќе го изберат СДСМ, доколку биде тоа жена за прв пат ќе имаме кандидат за градоначалник жена. Ние како ЛДП подеднакво ги цениме и жените како и мажите.

ОN: Какви локални избори очекувате и што според вас му треба на Охрид?

Г.Симоноски: Очекувам дека изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера, граѓаните ќе ја изберат вистинската личност која му е потребна на Охрид. Охрид е комплетен туристички центар, ретко кој туристички центар може да ги понуди сите видови туризам: езерски, планински, културен итн. На Охрид му е потребно само туризам и се што е поврзано со туризам.

OhridNews