Планинарската трка Охрид Ултра Треил организирајќи ултра маратон на 107 километри и трки на 66 и 18 километри на кој учествуваа над 200 натпреварувачи од Македонија и странство ја крена летвичката погоре и направи значаен чекор кон градовите и планините домаќини на трки од светски размери. Учесниците на ултра маратонот имаа неверојатна прилика да трчаат во стариот дел од градот,  по кејот на градското пристаниште, по планината Галичица и на крај да финишираат на плоштадот во центарот на градот.

Најдобри македонски натпреварувачи на ултра маратонот беа Сaња Најдовски во женска односно Жикица Ивановски во машка конкуренција. Токму со нив разговаравме за впечатоците, успехот, иднина на Охрид Треил и за планинарскиот спорт во нашата земја.

OhridNews: Поминаа две седмици од второто издание на Планинарска трка Охрид Ултра Треил. Какви се вашите впечатоци?

Сaња Најдовски – Главната убавина на овие трки е убавата енергија, позитивните луѓе, љубовта кон планината и долгите часови поминати на неа. Уште се свежи и недосредени впечатоците, ова ми беше втора 100ка, не сум многу искусна на долгиве стази, но бидејќи годинава со ситуацијата многу трки се откажаа или се одложија, решив да се пробам на оваа ултра дистанца и мислам дека не погрешив. Тоа беа забавни 19 часа и 20 минути уживајќи во планина. Поголемиот дел од трката имав друштво и време за по некој муабет. Прекрасната Галичица ни подари неверојатна вечер и убав облачен ден, во кој верувам сите учесници уживаа. На патеката често имавме можност да уживаме во прекрасните глетки кон Охридско езеро, на дел од трката и кон Преспанско езеро, трчавме низ Националниот Парк Галичица, качивме мноооогу врвови, поминавме доста технички делови, јадевме, пиевме, не спиевме, се дружевме и се натпреварувавме сами со себе, што повеќе може да посака човек од еден навидум обичен ден.

Сaња Најдовски со медалот „финишер“ на Охрид Ултра Треил.

Жикица Ивановски – Искрено, импресионирам сум од целиот настан. Од организацијата на настанот до патеката која е преубава. А кога помеѓу тоа би ги спомнал волонтерите, спасителните служби и позитивната енергија која го красеше настанот, како тие два дена да бев во друга димензија. Еве и по десет дена сеуште ми се вртат низ глава прекрасните пејзажи, луѓето и моменти од трката.

Жикица Ивановски пред самиот финиш на трката.

OhridNews: Како сте задоволни од успехот и од каде наоѓата мотивација за успешно завршување на предизвик наречен „Tрчање на планина 107 километри?

Сaња Најдовски – Задоволна сум од успехот, но верувам дека секогаш може подобро. Важно е што знам каде погрешив и ќе поработам на тоа. Голема благодарност до волонтерите на трката и организаторите, без кои ништо од ова немаше да се случи, се извинуваме за непроспиените ноќи, се надевам и вам ви беше забавно.

Мотивацијата ја наоѓам во убавите часови поминати на тренинг во планина, во дружбите со тркачите пријатели, во себенадминувањето, во желбата за успех, завршување на нешто што си започнал и пивото на финиш.

Моето мото кое ме води низ трките и животот е “GO BEYOND YOUR LIMITS”. Дај 101% и насмевни се.

Жикица Ивановски – Пласманот а посебно времето за кое успеав да ја завршам трката ме прават посебно горд. Посебна е убавината кога овде во Македнија имаме трка од 107км која ја организираат луѓе што го сакаат овој спорт и на која можеш да учествуваш. Знам дека организаторите, пријателите па и фамилијата очекуваа многу од мене и тоа наместо дополнителен притисок повеќе ме мотивираше да се движам колку што можам побргу, и се надевам дека ги оправдав нивните очекувања.

OhridNews: Што го дели Охрид Ултра Треил од останатите трки каде имате учествувано и што му недостасува да се доближе до настаните од светски размери?

Сaња Најдовски – Охрид Ултра Треил е посебно убава трка, која мислам дека со малку напор може да се доближи до светските настани на планина. Има се што е потребно, минува низ Националниот Парк Галичица, има погледи од милион долари, езеро и прекрасен стар град, има избор на должини на трки за секој љубител на трчањето и вљубеник во планината. Секоја трка поминува низ дел од Националниот Парк и секоја должина има своја убавина. Можеби фалат поголеми светски имиња, но сепак е млада трка, која со годините се очекува да расте со што повеќе тркачи, поголеми имиња, поголема конкуренција. Можеби имаме да учиме повеќе околу организацијата на светските трки, но и тоа доаѓа со времето и со посета на светски големите настани. Сепак во светот многу повеќе години се одржуваат овие настани и нормално е тие да се поспремни од нас.

Жикица Ивановски – Од тоа што го видов на ова издание речиси и ништо да не го дели од светски познатите трејл настани. Патеката е навистина разновидна во поглед на теренот. Од урбан трејл,  па низ неколку села, преку трчање по плажа до високи планински терени со технички делови. Настанот а и самиот град Охрид имаат многу да понудат на учесниците поради што сметам дека за неколку години би прераснал во еден од водечките настани од ваков вид на Балканот.

OhridNews: На кој дел од трката Ви беше најлесно, најтешко и во кој дел најмногу уживавте?

Сaња Најдовски – Искрено пред стартот на трката бев преплашена, некако знаев дека ќе завршам, имав доволно тренинг, ама не бев сигурна колку ќе патам и дали ќе згрешам нешто во храната и хидрирањето. Сепак се помина во најдобар ред, скоро целата трка беше уживање, освен делот од 12км рамно, подобро е да стават два врва таму, да има уште повеќе висинска, еве нека размислат за другата година.

Жикица Ивановски – Дефинитивно делот до Св. Наум е релативно потрчлив и ми беше полесен за разлика од остатокот иако го поминав ноќе. Најтешко ми беше на делот од Лако Сигној до Асан Џура поради каменестиот терен и кратките и стрмни искачувања. Како најубав би го издвоил долгото и тешко искачување кон Ф10 и Магаро.  

OhridNews: Какви се подготовките за планинските трки и колкава е најголемата делница која ја имате истрчано?

Сaња Најдовски – Немам некоја тренинг програма, повеќе сум “go with the flow”, во зависност од тоа колку доцна ми завршил претходниот ден, некогаш трчам/возам пред работа, но најчесто тоа го правам после работниот ден. Иако за време на карантинските денови трчав на изгрејсонце и сфатив колку е поубаво будењето во раните утрински часови, со трчање и со тишината на планината. Денот ти започнува со повеќе енергија и позитивна мисла, посталожено можеш да се справиш со предизвиците кои ги носи истиот.

Повеќето трчанки ми се на планина, но секако имам и тренинзи на рамно, тренинзи за сила, а рикавери ми е најчесто велосипедот.

Најголемата трка која ја имам истрчано е 100 милји на ИСТРА – 110км, впрочем тоа е и мојата прва 100-ка.

 

Жикица Ивановски – Подготовките за овие трки се одвиваат постојано. Седмично 5-6 тренинга. Долги трчања преку викенд и неколку пократки трки претходно. Најдолга дистанца до сега ми е 170км на Ултра Трејл Мон Блан и Истра 100 милји.  

OhridNews: Каква иднина гледате на планинското трчање општо во нашата земја?

Сaња Најдовски – Мислам дека свеста на луѓето околу спортот особено порасна оваа година, во време на пандемијата. Многу луѓе имајќи повеќе слободно време од обично почнаа да практикуваат спорт, планинарење, трчање, вежбање…Бројот на оние кои трчаат на планина расте од година во година, има се повеќе заинтересираност за треил трките и ултра дистанците, мислам дека голем број сфатија дека мора некако да ја канализираат негативната енергија од секојдневниот живот и увидоа дека најлесно и најздраво е тоа да биде преку спортот. Според бројот на трките и тркачите низ годиниве мислам дека на планинското трчање му претстои светла иднина. Се повеќе луѓе на најразлична возраст сакаат да ги надминат своите лимити, да пробаат нови дистанци, нови спортови, нови предизвици. Се надевам само дека ќе има повеќе млади деца кои ќе знаат како да ја сакаат и уживаат планината и ќе се пробаат во овој спорт кој ќе им отвори нови перспективи, ќе почувствуваат нови емоции и ќе осознаат работи за себе за кои не биле ни свесни.

Насмевнете се и искористете ја секоја прилика да посетите некоја планина!

Жикица Ивановски – Планиското трчање и ултра трејл трчањето за сега имаат светла иднина во Македонија. Од бројот на настаните што од година во година се зголемуваат до квантитетот и квалитетот на натпреварувачите од Македонија. Најважно е да продолжи континуитетот на досегашните вакви настани и што луѓето ја препознаваат нивната вредност.

На ултра маратонот први низ целта минаа Грегор Хајн од Австрија односно Аринета Мула од Косово.

 

OhridNews

Фото: Прогласени лауреатите на Охрид Ултра Треил