Најмалку 32 лица загинаа, а околу 700 се повредени во двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела, предизвикувајќи уривање на десетици објекти во и околу главниот град Каракас јавуваат светските агенции. Подоцна, Associated Press (AP), повикувајќи се на изјава на вршителката на должноста претседател Делси Родригез, објави дека бројот на загинати се искачил на најмалку 164, а повредени се 971 лице. Се стравува дека бројот на жртвите најверојатно ќе расте, бидејќи спасувачките екипи и натаму трагаат по затрупани лица под урнатините.

Според Американскиот геолошки институт (USGS), првиот земјотрес бил со магнитуда од 7,2 степени според Рихтеровата скала, а помалку од една минута подоцна следувал уште посилен потрес со магнитуда од 7,5 степени. Епицентарот бил западно од Каракас, а силното тресење било почувствувано во поголем дел од земјата и во соседните држави.

Во Каракас и крајбрежната држава Ла Гуаира се урнати или сериозно оштетени бројни станбени и јавни објекти. Поради оштетувања привремено е затворен меѓународниот аеродром „Симон Боливар“, а нарушено е функционирањето на дел од сообраќајната и енергетската инфраструктура.

По главните потреси регистрирани се и повеќе последователни афтершокови.

Во земјата прогласена е вонредна состојба.

Американскиот геолошки институт предупреди дека, врз основа на првичните проценки за јачината на потресите и густината на населеноста во погодениот регион, постои можност конечниот број на жртвите да биде значително поголем. Истовремено, меѓународната заедница се мобилизира и најавено е испраќање спасувачки тимови и хуманитарна помош.

Г.М.
Насловна фотографија: Илустрација
Фото/видео: X