Измени во пристапот кон преговорите во рамки на социјалниот дијалог, серија мерки за подобрување на условите за работа на вработените и нова стратегија насочена кон подобрување на услугите кон граѓаните, најави министерот за администрација и информатичко општество Дамијан Манчевски кој во Охрид оствари прва средба со раководството на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија (УПОЗ).

– Овој состанок е почеток на нови разговори со цел изнаоѓање обострано прифатливо решение, без наметнување услови што не би биле прифатливи за вработените во јавната администрација. Од друга страна, заедно ќе работиме на подобрување на ефикасноста на администрацијата, а граѓаните да бидат многу позадоволни од услугите, на што ќе се инсистира во разговорите, рече Манчевски.

Обраќајки им се на вработените во администрацијата Манчевски рече дека завршило времето на политички притисоци. Како првични чекори тој ги посочи измените во Законот за административни службеници, како и спроведување анализа за можностите за воведување на двосменско работење во дел од администрацијата за оние служби што им се потребни на граѓаните, одлука чие спроведување се најавува за после завршувањето на летните одмори. Истовремено тој најави широка дебата и консултации во врска со стратегијата на новата Влада за реформи на јавната администрација, процес што ќе отпочне веќе идната седмица, преку контакти со граѓанскиот сектор, синдикатите и сите заинтересирани чинители, со цел таа час поскоро да биде усвоена и имплементирана.

Според претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, упати забелешка во досегашниот однос со Министерството, пред се во однос на Законот за административни работници. Според Грујовски, законот е на штета на вработените и во одредени одредби противуставен, со некои решенија кои се целосно неприфатливи и нелогични како што е принципот на казнување и наградување.

Од УПОЗ бараат да се најде решение околу одредбите што го уредуваат работното време на администрацијата и изразуваат надеж дека во најкраток можен рок ќе дојде и до потпишување на колективниот договор.