Регионалната експертска тркалезна маса на тема „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“ ќе се одржи утре во Струга во организација на ЦНВП Скопје и ICEP – Здружение за глобален развој, финансиски поддржана од Австриска развојна агенција (ADA).

Целта на Регионалната експертска тркалезна маса е да овозможи размена на експертски мислења и искуства за научените лекции, актуелните предизвици и идните перспективи за интегрирано и одржливо управување со шумите на Западен Балкан, надоврзувајќи се на искуствата и постигнатите резултати од проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“. Тркалезната маса ќе обезбеди платформа за дискусија за практични решенија и препораки поврзани со одржливото управување со шумите, обновата на шумите, зачувувањето на биолошката разновидност, отпорноста на климатските промени и одржливите извори на егзистенција базирани на шумските ресурси, велат организаторите.
Воедно, посочуваат, ќе поттикне дијалог меѓу креаторите на политики, шумарските професионалци, јавните институции, истражувачите, граѓанското општество и засегнатите страни од приватниот сектор, со цел утврдување на заедничките приоритети, зајакнување на регионалните партнерства и разгледување можности за продолжување на соработката и по завршувањето на проектот.
Инаку, проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ го спроведуваат ЦНВП Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, во партнерство со ICEP – Здружение за глобален развој, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (ADA), во рамките на програмата „International Partnerships Austria“.
OhridNews











