Меѓународниот комитет на УНЕСКО на седницата одржана во Јончопинг во Шведска со акламација го прогласи Охрид-Преспа за прекуграничен Биосферен резерват.

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за Охридското Езеро кој е еден од носителите на иницијативата, вели дека оваа одлука е одличен импулс за засилена туристичка промоција и поголема економска добивка за регионот.

-Создавањето биосферен резерват е сублимат на сите постојни заштитени појаси во регионот и новиот статус треба да го засили интересот во светот за нашиот регион како од еколошки, така и од инвестициски аспект. Луѓето и биосферата се едно тело преку одржливиот развој, а биосферниот резерват е огромна инвестиција за иднината на Охрид и Преспа, истакна Пановски.

Освен Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, номинацијата за прогласување на Регионот Охрид-Преспа за биосферен резерват беше поддржана од МАБ комитетите, министерствата за животна средина и Националните комисии на УНЕСКО на Македонија и Албанија.

Биосферните резервати се подрачја во кои човековите активности ќе подлежат на одржливо искористување на природните ресурси заради обезбедување соодветни услови за луѓето да живеат во хармонија со флората и фауната. УНЕСКО ги признава биосферните резервати во согласност со програмата „Човек и биосфера“, според која се прифаќаат подрачја кои се истакнати по својата единственост во светски рамки.

OhridNews