Во Елшани во тек се градежни  активности за реконструкција на системот за снабдување со вода.

Како што објаснуваат од локалната самоуправа целта е конечно да се реши горливиот, долгогодишен проблем околу водоснабдувањето во селото, кој најизразен беше во летниот период.

– По барање на жителите и месната заедница стручните служби во локалната самоуправа извршија анализа од која се наметна потреба за реконструкција на постоечкиот систем за водоснабдување. Се утврди потребата да се изгради еден поголем резервоар за вода со вкупен капацитет од 100 кубни метри вода. По завршувањето на активностите за изградба на резервоарот кои се во тек, ќе се пристапи кон промена на старите азбестни водоводни цевки со нови во должина од 2200 метри, а потоа на сред село кај изворите ќе се изгради  пумпа, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Од месната заедница на селото изразуваат благодарност што конечно ќе се реши проблемот.

– До сега во летниот период речиси и немавме вода. Сега повеќе нема да биде така . И претходно се обраќавме за проблемот до локалната самоуправа, до државните институции, но не ни излегоа во пресрет, велат од месната заедница.

Стариот систем за водоснабдување во Елшани бил изграден во 1974 година. Од тогаш до сега не е извршена ниту една реконструкција на системот со цел да се обезбеди непречено снабдување на селото со квалитетна вода за пиење.

Т.К.