Во буџетот за 2018 година тежок околу 3.5 милијарди евра, за Заштита на животна средина планирани се само 0.4% од вкупните расходи, што е најниско до сега. Колку за споредба за Култура планирале 1.95% , за Одбрана 2.82%, за Судови 1.34%, итн., посочува коалицијата за жист воздух о2. 

-Нели здравата животна средина, чистиот воздух, чиста вода ќе беа ПРИОРИТЕТ?! Или толку беше, кампањите завршија, па може да се продолжи по старо, со празни реторики, некои минискулни поместувања, а во реалноста само 0.4% одвоени за Заштита на животна средина. Браво! Сега може ќе кажете, ама не е така, ние за гасификација одвоивме највеќе до сега. Па и тоа се смета. Не, не се смета, зошто да беше така, гасификацијата ќе беше дел од Заштита на животна средина, ама не е. Но, еве нека биде така. За 2017 беа планирани 1.12% за гасификација, а 0.95% се планирани за 2018. Каде се одвоиле повеќе од вкупниот Буџет? 2017 или 2018? Е сега, колку од тоа се реализирало или ќе се реализира е веќе сосема друга приказна. На крај овие бројки може да се сосема поинакви. Најчесто пониски. – велалат од коалицијата о2.

Друг проблем според коалицијата за чист воздух е и тоа што Министерството за животна средина и просторно планирање е едно од тие со хронично ниска реализација од планираното, околу 70%. 

-На што се должи вака ниска реазлизација на и онака малиот буџет, нам не ни е познато, но очекуваме да ни разјаснат како МЖСПП, така и Министерството за финансии. Она што знаеме е дека оваа пракса мора да запре. Почнувајќи со 2018 година. Средете си ги причините за вака лоша реализација. Доста беше повторување. Научете си ја лекцијата веќе еднаш. – велат од коалицијата о2.

Од коалицијата за чист воздух уште посочуваат дека сегашната Влада на два пати го намали годишниот буџет на МЖСПП, министерството клучно за намалување на загадувањето. Летоска го скрати за 23%, а изминатата сабота Собранието си изгласа уште 8.8% намалување, со образложение декадека и онака тие пари нема да можат да се искористат. Повторно доаѓаме до таа магична бројка на 70% искористеност.

Коалицијата о2 истакнува дека собраните даноци поврзани со животна средина во 2015, понови податоци нема, се за 16 пати поголеми од сумата доделена за Министерството за животна средина и просторно планирање за 2018.

-Тоа би значело дека МЖСПП можело основано да побара буџет од 3% од вкупните расходи, а за Заштита на животна средина требало да се одвојат 4.4%. Тука не ги сметаме средствата како резултат на зголемената акциза на нафта, околу 31 милион евра, нели покачувањето на акцизата беше поради заштита на животната средина, намалување на загадувањето. Во најголемиот буџет до сега, каде со значителна сума учествуваат даноците поврзани со животна средина и зголемената акциза на нафта, ние имаме НАЈНИЗОК процент на доделени средства за Заштита на животна средина. Има ли некој разумен и праведен во државава? – прашува коалицијата о2.

Во обраќањето до јавноста коалицијата за чист воздух о2 отворено ги прашува владата, Министертсвото за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање: Каде се побарувањата за справување со сите жешки точки во Македонија? За колекторскиот систем на Охридското езеро? За справување со дивите и нестандардни депонии? За мониторинг на тешки метали, POPs, PAHs? За намалување на аерозагадувањето?  Каде се парите собрани од даноците поврзани со животна средина?

OhridNews