Еден од највредните експонати од богатото културно наследство на Охрид – мозаичната икона „Исус Христос на престол“ од XIV век, утре (7 август) повторно ќе биде претставен пред јавноста во Галеријата на икони.

Презентацијата ќе започне во 12 часот и се организира во рамки на одбележувањето на 75 години од основањето на НУ Завод и Музеј – Охрид, како дел од јубилејната програма посветена на музејската дејност во градот.

Мозаичната икона била откриена во 1960 година во црквата „Св. Богородица Перивлептос“ во Охрид. Таа претставува исклучително редок пример на пренослива мозаична икона од византискиот период и се смета за едно од најзначајните дела од охридското културно и духовно наследство.

Од НУ Завод и Музеј – Охрид посочуваат дека презентацијата е можност посетителите одблиску да се запознаат со историската, уметничката и духовната вредност на ова уникатно дело, кое сведочи за богатата византиска традиција и вековниот културен континуитет на Охрид.

Настанот е отворен за јавноста и претставува дел од програмата со која годинава се одбележува 75-годишниот јубилеј на организираната музејска дејност во Охрид.

Г.М.