Атрактивната вила „Лепа“ на Плаошник, во која е сместена Резиденцијата на митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј, наскоро ќе  им биде вратена на сопствениците, најави Регионалната комисија за денационализација. Овој исклучително атрактивен и вреден имот   го побаруваат повеќе наследници на  познатиот охридски адвокат Демостен Манев. Доколку не се појави некаква пречка тој накоро ќе им биде вратен на Маневи, изјави за Ohridnews, претседателот на Регионалната комисија за денационализација, Славко Лазовски. „Би требало веќе да сме пред некое решение на сопствениците да им ја вратиме таа вила да се исправи таа направда направена не знам која година.“, рече Лазовски.


Резиденцијата на владиката Тимотеј

Вилата „Лепа“ по национализацијата пред повеќе децении ја користела општината Охрид која ја отстапила на Дебарско-кичевската епархија.  Во неа досега живееле тројца владики:  Методиј, Ангелариј и Тимотеј под чие раководство епархијата во 80-те години од минатиот век комплетно ја  реновирала резиденцијата. Таа денес е едно од најубавите зданија во стариот дел на Охрид. Во Дебарско-кичевската епархија се изненадени од најавите дека  резиденцијата на митрополитот Тимотеј  е предмет на денационализација. Во телефонски разговор, владиката Тимотеј ни рече дека не бил запознат дека се води постапка  за враќање на имотот кој го користи црквата. „Ние ќе го почитуваме законот, но државата мора да ги земе во предвид и вложувањата што ние ги направивме во тој објект“, ни изјави г.Тимотеј. Тој рече дека најпрвин треба да и се врати имотот на црквата кој таа го побарува по основ на денационализација, а не да и се одзема и сегашниот имот.


предмет на денационализација-резиденцијата на владиката Тимотеј

Според претседателот на комисијата за денационалиација имотот на кој е изградена вилата Лепа е државен и не постои пречка тој да биде вратен на сопствениците. Како што на црквата и се враќаат имотите, така треба и таа да го врати имотот кој не е нејзин, рече Лазовски. Од Дебарско-кичевската епархија велат дека ќе презентират документи со кои ќе ја докажуваат сопственоста над резиденцијата на Плаошник.

Горан Момироски