Наставниците треба да им помагаат на учениците при  стекнувањето на знаењата поврзани со наставната програма , но истовремено и да влијаат на нивниот начин на размислување. Односно, на нивната креативност, размислување , решавање на проблеми, одлучување и учење, како и врз начинот на работа вклучувајќи ги ИК-технологиите и вештините поврзани со активното граѓанство, беше потенцирано на денес  отворениот во Охрид, Регионален семинар за образование и обука на наставници во западен Балкан.

Како што истакна министерот за образование Спиро Ристовски, Македонија како земја кандидат за влез во ЕУ се приклучува кон актуелните европски текови за развој на образованието и обуката на наставниците.

Министерството за образование и наука ги охрабрува, поддржува и им помага на наставниците, универзитетите и училиштата за учество во национални, но и регионални проекти во рамките на ЕУ програмите како „Доживотно учење“ и „Еразмус +“. Сметаме дека добрата соработка меѓу институциите, универзитетите, училиштата, невладините организации од образовниот сектор и меѓународните организации е особено значајна  , изјави министерот Ристовски.

Тој додаде дека во последниот период улогата на наставниците во училиштата се менува, затоа што од нив се бара да предаваат во мултикултурна средина, да интегрираат ученици со посебни потреби, ефективно да користат информациски и комуникациски технологии, како и да се ангажираат во процесите на евалуација и отчетност, при што е неопходно и вклучување на родителите.

OhridNews