Би сакал да ги охрабрам луѓето во вашата прекрасна земја да ја прифатат оваа историска можност. Доколку го поддржите договорот потпишан со Грција, тоа ќе биде знак дека Македонците се силно посветени на демократијата, владеењето на правото, независноста на судството, тие ќе станат круцијален дел на обединета Европа, рече државниот министер за Европа при германското МНР Михаел Рот, при денешната посета на Охрид, придружуван од министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Рот беше дел од интерактивната дебата „Македонија на патот на ЕУ“ што се одржа на Античкиот театар, а на која присуствуваа и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

Рот посочи дека целта, меѓу другото е, и да се олесни начинот на кој граѓаните на Македонија можат да дојдат и да работат во Германија, за што постои режим воспоставен во рамки на ЕУ и Шенгенската зона.

Според Димитров, посетите на високите претставници на германската дипломатија се потврда на големата поддршка од страна на Германија со цел Македонија да зачекори напред.

– На 30 септември имаме голема, историска крстосница. Мислам дека ќе успееме, влогот е голем, пораките се јасни, никој не знае дали оваа наша генерација ќе има следна шанса. Јасно е дека Договорот тешко поминува и во Грција тоа значи дека е одвај најден заеднички јазик. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, вчера премиерот во Стразбур првпат се обрати на македонски јазик, доби овации. И ако вчера Европарламентот стана на нозе за европска Македонија, ние ќе станеме на нозе за истата кауза и на 30 септември, рече Димитров.

Во однос на ставот на ВМРО ДПМНЕ околу претстојното референдумско изјаснување, Димитров рече дека,  да се нема јасен став значи бегање од одговорност и бегање од соочување со волјата на народот.

Што се однесува на македонските национални кодови, министерот потенцира дека договорот само кажува како тоа прашање ќе се третира и дека додека не се најде решение останува се по старо. – Без наша согласност и нивна не може ништо да се смени. Ќе се формира заедничко тело со меѓународни експерти, кое ќе најде начин како тоа ќе функционира, рече Димитров.

На дебатата „Македонија на патот кон ЕУ“, освен за придобивките од ЕУ членството, се зборуваше и за унапредувањето на заштитата на животната средина, промоцијата на политики на одржлив развој и поттикнување на граѓанскиот еко-активизам, а учествуваа невладини организации и активисти кои работат во релевантната област.

Пред дебатата двајцата Министри имаа шанса да го разгледаат Охрид и да посетат неколку локации од исклучително културно значење за Република Македонија. Гостинот подетално се запозна со традиционалниот начин на создавање на охридските бисери како и со деликатниот филигрански занает.

OhridNews