Живееме во непредвидливо време, време на пандемија на Ковид 19 но и време на пандемија на сообраќајни незгоди во кои повеќе од 1.3 милиони луѓе во светот годишно го губат животот, а околу 50 милиони се потешко или полесно повредени. „Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот!“ – е пораката која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја испраќа по повод празникот на љубовта и виното, Св. Валентин и Св.Трифун.
Во ова тешко време, секој од нас, повеќе или помалку, почнува да сфаќа дека суштината на животот не е во секојдневната трка со времето, секојдневната потрага по пари и дека животот не е бескомпромисна борба во која мора да се успее, прегазувајки ги сите хумани и цивилизациски вредности. Животот е нешто сосема друго. Животот е љубов, другарство, почитување, солидарност, толеранција…. Животот го сочинуваат луѓето и нештата кои секојдневно ве опкружуваат, кои ве прават среќни и кои ви даваат позитивна енергија и сила да успеете во тоа што го работите. Св. Валентин или Св.Трифун, денот на љубовта и виното, е денот кога треба да застанете и да размислите што ви нуди животот, што ви нуди љубовта, што е тоа што ве прави среќни и задоволни, информираат од РСБСП.

Лажат или не знаат тие кои што велат дека возат и се тркаат по улиците за да го подигнат адреналинот затоа што животот се живее само еднаш. Не, за жал само еднаш се умира, а животот, со сите негови убавини, се живее секој ден. Размислете, што е тоа што вреди, а што е тоа што не вреди. Размислете за вас и за вашите најблиски, најсакани и најмили. Размислете што е тоа што вас и вашите најблиски ве прави среќни, весели и радосни, велат од РСБСП .
По повод празниците Св. Валентин и Св.Трифун, од РСБСП уште еднаш потсетуваат: „Не дозволувајте поради една лоша одлука или лоша навика да предизвикате сообраќајна незгода со која ќе го загрозите сопствениот живот или животот на некој друг. Последиците од сообраќајните незгоди се трајни и болат засекогаш. Младоста оправдува многу нешта, но не и загубите и болката предизвикана од сообраќајните незгоди“.
РСБСП им го честита Св. Валентин и Св.Трифун на сите млади, на сите заљубени, на сите кои сакаат да прослават, кои веруваат во овие празници и кои ги почитуваат позитивните и убавите нешта во животот. Ги повикува сите заеднички да го прославиме празникот на љубовта и виното со тоа што ќе испратат емотивни и едукативни пораки и совети до своите најмили: Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот!; За нас и нашата љубов, раскини му на алкохолот и брзото возење!; Срце си што никогаш не возиш пијан. Среќен празник!; Во име на нашата љубов, биди внимателен секогаш кога седиш зад воланот!; За тие што ги сакаш, и тие што те сакаат, гушни го појасот и почитувај ги сообраќајните правила и прописи!
OhridNews











