„Град без Сат кула не е град, а ако Саат кулата не работи тоа значи дека нешто не е во ред со градот“, вели електро инженерот во пензија Борис Упевче во документарниот филм „300 години Саат кула – Чувар на времето во Охрид“ во продукција на Охридњуз, што премиерно беше прикажан на свеченоста по повод големиот јубилеј на охридската Саат кула, што се одржа денеска во организација на ЛК Лихнидос од Охрид, а на иницијатива на историчарот Никола Митровиќ – Бабе.
Градот Охрид претставува временски континуитет на преплетување огромен број случки, настани, луѓе. Низ сиот тој временски континуитет за кој не се знае ни почеток ни крај несомнено е важна 1726 година, година во која градот Охрид и Охриѓани ќе ја добијат својата Саат Кула со единствена намена за мерење на тој временски континуитет. Иако за градот Охрид не се знае кога точно започнало да се мери времето и по која процедура, бидејќи за тоа не постојат пишани податоци сепак мерењето на деноноќието и тoа како имало важна улога во животот на Охриѓани, истакна историчарот Митровиќ.
Филмот што е реализиран со поддршка на Општина Охрид открива до сега малку познати детали за Саат кулата, која е една од најстарите во земјава.
Историчарите велат дека град кој има Саат кула бил важен град. Значаен за царството, за трговијата, за животот. А Охрид, уште тогаш, бил место каде се вкрстувале култури, патишта и цивилизации. Низ годините, Саат кулата преживеала пожар, реконструкција и промени на времињата, но останала еден од најпрепознатливите симболи на стариот Охрид. Денес, нејзиниот механизам сè уште го движи времето, благодарение на луѓето кои веруваат дека културното наследство не смее да биде заборавено. Ова е приказна за Саат кулата. Приказна за нејзината историја, архитектура и значење. Но пред сè – приказна за времето. И за луѓето што одбиваат да дозволат тоа да ја избрише меморијата на градот, истакна одговорниот уредник на Охридњуз и продуцент на документарниот филм „300 години Саат кула – Чувар на времето во Охрид“, Горан Момироски.
На свеченоста присуствуваа градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќура, претставници на советот на Општина Охрид, пратеници, дипломати, културни работници и бројни гости.
Денес со особена чест и гордост одбележавме значаен јубилеј на еден од најпрепознатливите симболи на Охрид. Саат кулата не е само архитектонски споменик, туку жив сведок на вековите, на соживотот, културата и историјата што го обликувале нашиот град. Низ нејзините отчукувања се испишани приказните на генерации охриѓани, на трговци, занаетчии, рибари и патници кои го граделе духот на Охрид. Нашата обврска е да го чуваме и негуваме културното наследство, затоа што токму преку него ја раскажуваме приказната за нашиот идентитет и за вредностите што траат. Додека чука саатот на Саат кулата, чука и срцето на вечниот Охрид, истакна градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Ви благодарам на искажаната чест. Мене ми е задоволство што имам можност да се грижам за Саат кулата. Нејзина основна функција е мерење на времето, а тоа што е наше, се друго е минливо, истакна Упевче.
За значењето на Саат кулата која е заштитено споменично добро зборуваше Гoран Патчев, директор на Завод и Музеј Охрид.
Саат кулата е еден од најпрепознатливите белези на градот Охрид. Таа 300 години го мери времето на Охрид, на традицијата, духовноста. Таа не е само архитектонски објект, туку дел од културната меморија и идентитет на градот, рече Патчев.
Документарниот филм „300 години Саат кула – Чувар на времето во Охрид“наскоро ќе биде премиерно прикажан на Охридњуз и на платформите на порталот на Социјалните мрежи.
Фото галерија:
Со пригодна свеченост одбележан јубилејот 300 години Саат кула во Охрид
OhridNews
Фото: Емил Јовановиќ











































