Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер имаше ретка можност да ужива во богатата колористична и лирска звучност на харфата врз која совршено владееше младата но виртуозна руско-американска уметница Алиса Садикова.

Првото дело со кое ја започнав вечерта беше Токата и фуга од Бах која е транскрипција за харфа на Белов, потоа продолжив со кинеска музика, свирев два става од Свитата Бергамаск од Клод Дебиси, првиот Прелудиум и познатата Клер де Лун. На програмата беа Париш Алварс со многу убави варијации на теми од операта „Норма“ на Белини, Шопен со Фантазија- импромпту, исто така транскрипција за харфа и продолжив со Мануел де Фаља, за програмата да ја завршам со Беджих Сметана и Фантазија за харфа од „Влтава“ односно со транскрипцијата за харфа од Трнечек, рече извонредната харфистка Садикова.
Според неа, убаво звучи, но истовремено е и предизвик музиката за пијано да се свири на харфа.
Сакам музика за пијано и сметам дека таа звучи многу убаво на харфа. Мислам дека звучи поинаку, но сепак е премногу убаво на харфа. Секако,изведбата на пијано е многу полесна отколку на харфа поради педалите и промената на хармониите. Тоа е голем предизвик. Целата црква е преубава, го сакам звукот на харфата во неа, секоја нота звучи совршено. Секој човек многу убаво ќе ја слушне харфата овде, без да се користи микрофон, додаде Садикова.

Во нејзината биографија се впишани повеќе од 20 први награди од интернационални натпревари што ја прави една од најнаградуваните харфистки на денешницата.
OhridNews













